Секнаа селските чешми. Онемеа огништата македонски, беломорски. Црни гаврани виеја над мртвите незакопани. Бомбите го следеа детскиот плач кој одекнуваше низ планиските патеки, кон границата, каде ги водеа во непознато. Прогонети, раселени. Разделени низ европските граници.
По домови и прифатилишта, исплашени, незаштитени, далеку од топлината на мајката и таткото. Брат со брат, сестра со сестра… секој во некое друго, туѓо сивило. Распарчени во душите, физички разделени семејства…. Голема болка, незаборавна македонска голгота. 75 години непребол и сеќавање. Да не се заборават прогонетите деца и Македонци од Грција. Да не се заборави еден од најголемите егзодуси во 20 век… 75 години ПРОГОНЕТИ!