Изработени детални урбанистички планови, легализирани 100 домови и реновирани 12 домови, се дел од постигнатите резултати на проектот „Одржлив урбан развој на Ромските заедници“, кој Хабитат Македонија го спроведе со општините Велес и Шуто Оризари со финансиска поддршка од Европската Унија.
Како што денеска соопштија од Хабитат Македонија, на завршниот настан биле презентирани постигнатите резултати од проектот што започнал да се реализира кон крајот на 2020 година, со главна цел да придонесе кон инклузивен, ефикасен и одржлив урбан развој кај Ромите и маргинализираните заедници во Шуто Оризари и Велес.
Во рамки на проектот првпат се изработени и предадени во процедура на одобрување повеќе детални урбанистички планови со кои ќе се овозможи подобрување на условите за домување на жителите и унапредување на урбаното живеење во општината Шуто Оризари.
Во оваа општина, се посочува во соопштението, направена е и реконструкција на педијатриската амбуланта со што е подобрена нејзината енергетската ефикасност, а Хабитат Македонија заедно со секторот за урбанизам во општината Шуто Оризари и граѓанската организација ИРИЗ преку правна, советодавна, техничка и финансиска поддршка им помогнаа на 100 домаќинства да ги легализираат бесправно изградените домови.
– Со овој проект направивме голем чекор кон урбанизација на општината и унапредување на домувањето. Треба да се донесат првите детални урбанистички планови во општината, голем исчекор претставува ангажирањето на заедницата преку формирањето и обуката на локалните лидерски групи кои го поддржуваат процесот за да ги објаснат придобивките од урбанизација во локалната заедница. Дополнително, вклучувањето на заедницата, на младите во волонтерски активности при реконструкцијата на амбулантата и домовите, има големо значење за општината, а проектот на семејствата ќе им овозможи подобар квалитет на живот на долг рок, истакнал градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Во општина Велес, покрај изработката на детални урбанистички планови, акцент бил ставен на правилното отстранување на отпад како основа за урбано живеење во областите каде што живеат ранливи домаќинства. За таа цел во рамки на проектот се набавени возила за собирање на смет за ЈКП Дервен низ тешко пристапните делови на Велес, набавена е урбана опрема за правилно отстранување комунален отпад за 300 ранливи домаќинства во населбата Рамина, а е спроведена и едукативна кампања за правилно отстранување отпад. Дополнително, од страна на волонтери се спроведе акција со која беа исчистени 10.000 м2 јавни површини во населбата Рамина.
– Возилата донирани на ЈКП Дервен од Велес и обезбедената опрема му овозможат на јавното комунално претпријатие целосно да ги опслужува запуштените и тешко пристапни населени места со основна услуга за собирање на цврст отпад. Иако проблеми со урбаното живеење се уште постојат, оваа поддршка ќе има долгорочни еколошки придобивки и ќе ги намали здравствени ризици за жителите од околните дивите депонии, изјавил Петре Цилаков, раководител на сектор во општина Велес.
Во рамки на проектот реновирани се вкупно 12 домови на најранливи семејства во општините Шуто Оризари и Велес, кои живеат во супстандардни услови, определени во процес на селекција според утврдените критериуми од страна на локалната самоуправа и општинските центри за социјална работа. Реновирањето опфати обновување на покриви, фасади, прозорци и други интервенции согласно потребите, со цел да се обезбедат адекватни услови за домување, но и да се подобри енергетската ефикасност на домовите.
– Целта на сите активности во проектот беше да се поддржи урбаниот развој на овие маргинализирани групи, да се едуцираат за своите права во областа на урбанистичкото планирање, да се покаже дека со стручна поддршка може да се легализираат домовите, да се покаже дека и со поскромни интервенции може да се обезбеди подобар, поздрав и финансиски постабилен живот. Адекватното домување е основа за елиминирањето на другите бариери со кои се соочува оваа ранлива група на граѓани и затоа верувам дека со проектот направивме чекор понапред кон обезбедување на еднакви можности за сите, изјавил Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија, се додава во соопштението.
– Тој им се заблагодарил за активната соработка на партнерите во проектот општините Шуто Оризари и Велес, граѓанските организации ИРИЗ и Фокус и на донаторот на проектот Делегацијата на Европската Унија.