По денешната посета на зоната на пожари во неготинско и средбата со припадниците на Армијата во близина на воениот полигон Пепелиште, попладнево Генералштабот на Армијата ме информираше дека продолжува борбата со огнената стихија во која припадници на Армијата во координација со сите инволвирани државни субјекти се ангажираат на неколку локации, пред се на планината Серта, а екипа попладнево е упатена кон Радовиш, како и екипа во реонот на с. Драгоево и с. Штркалево кон Криволак, соопшти на својот профил на Фејсбук претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Армијата во досегашниот период дејствува со 100 припадници од вториот пешадиски баталјон и со два армиски хеликоптери МИ-8/17 кои се ангажираат на локации по насоки на Центарот за управување со кризи“, соопшти таа и додаде:
„Припадниците на Армијата остануваат на терен каде во соработка со владините институции ќе продолжат да се борат против заканата за животите на граѓаните и јавното добро“.
Претходно директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов рече дека воспоставувањето на контрола врз пожарот на планината Серта е исклучително тешко, гори покрај самиот пат, силите се исцрпени на повеќе места, но дека има многу огнени точки.