Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) попладнево објави дека претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, не го потпишала указот за Законот за заштита на децата, со кој се предвидуваше воведување на двојазични лиценци во градинките. Од СДСМ го поздравија овој чекор и побараа од ВМРО-ДПМНЕ да се повлече од измените на законот.
Од Кабинетот на претседателката засега нема потврда на информацијата, ниту официјално образложение.
„Го поздравуваме непотпишувањето на указот од страна на претседателката, со што се отвора можност за ревизија, и бараме власта да се повлече од намерите поради спорните одредби што ги содржи законот. Членовите 9 и 10 од Предлог-законот, предложен од Владата, значат воведување двојазични лиценци во областа на детската заштита. Овој сегмент е веќе регулиран со друг закон за употребата на јазиците, а истовремено е спротивен на Уставот на државата. Дополнително, предложените измени враќаат процеси наназад, дозволувајќи лиценцирање во хартиена форма наместо дигитална, што отвора простор за злоупотреби, партизација и сомнително доделување на лиценци по партиски клуч“, истакнаа од СДСМ.
Од партијата нагласија дека не само одредбите, туку и самата процедура за усвојување на законот е спорна.
„Предлог-законот од матичната Комисија за социјална политика, млади и демографија беше префрлен за расправа и дискусија во Комисијата за енергетика. Претседателот на Собранието го прекрши Деловникот само за да ја заобиколи надлежната Комисија за социјална политика, која е блокирана поради неприфаќањето на Законот за посебните права на бранителите. Очигледно ДПМНЕ многу му должи на ВЛЕН, но правниот поредок на државата не смее да биде загрозен заради политичките дилови на владејачката коалиција“, додадоа од СДСМ.