„Преспа форум“: Лидерство, визија, прагматизам, интеграција, инклузивност некои од клучните насоки за помирување на Балканот

forum liderstvo
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Нерешените прашања меѓу земјите на Балканот остануваат рана што не заздравува и се извор за политичка манипулација, а инсталирањето страв и измислувањето непријатели се покажа како продуктивен начин да се дојде до власт и одржување на власта без никаков напредок, истакна првиот вицепремиер, Артан Груби, на панел-сесијата „Помирувањето и демократијата како катализатор на промените на Балканот“ во рамки на третиот „Преспа форум“ што се одржува во Струга.

– Никој од нас не изгуби ништо од Рамковниот договор, никој не изгуби од Преспанскиот договор, никој од нас нема да изгуби ништо од добрососедскиот договор со Бугарија. Државата, регионот и сите ние сакаме иста работа – потребен е еден дополнителен чекор да стасаме дотаму. Но, никој не може да го оспори постоењето на македонскиот народ, македонскиот јазик и постоењето на нашата држава. Светот нема да престане да постои откако ќе ги донесеме неопходните одлуки, рече Груби.


Тој потсети дека се прифатени сите желби и барања на опозицијата, за ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени.

– Она што ни е навистина потребно е целосен ресет на генерацијата, да бидеме генерација на лидери што ќе повлече напред, генерација подготвена да ги прифати западните вредности…Промените на Балканот ќе почнат кога ќе видиме дека гласачката кутија е наша штедна сметка, а не банкомат, рече Груби.

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, го искористи обраќањето пред панелистите да упати повик до политичарите од регионот да го остават минатото на историчарите и да работат на она за што се избрани, а тоа е, како што рече, креирање подобра иднина.

– Културата на компромис е она што ја направи ЕУ најуспешниот интегративен процес во историјата на човештвото, проект заснован врз дијалог…Мојата втора порака за политичарите е да имаат на ум дека сите можат да излезат како победници преку дијалог, кој би станал норма на Балканот, рече тој.

Лајчак уште посочи за потребата од визија кај локалните политичари, дека визијата за членство во ЕУ е тука, а на нив останува задачата истата да ја претворат во реалност.

Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Саразин, истакна дека она што на Балканот можеби најмногу му недостасува е прагматизам, да се разберат околностите и историскиот момент…Тој уште ја посочи и потребата граѓаните во регионот навистина да имаат можност да го почувствуваат владеењето на правото, оној параметар што ја прави разликата меѓу демократија и недемократските општества. Според Саразин, актуелните случувања во светот дополнително бараат од сите шест држави од Западен Балкан да не се пропушти историскиот моментум…

Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, во своето обраќање истакна дека политиките на заштита исклучиво на сопствените интереси на државите од Западен Балкан без притоа да е води сметка за интересите на останатите нема да донесе одржлив развој во регионот.

Притоа тој како пример ги посочи односите меѓу Германија и Франција, уредени на начин да им бидат од полза и од интерес на граѓаните на двете држави, независно нивните историски недоразбирања.

– Сето тоа е надминато, зошто тоа да не биде можно на Западниот Балкан. Пораката од ЕУ е на потребата да се надминуваат тенденциите за конфликтни ситуации…, посочи тој.

На панел-сестијата уште беше посочено дека за одржливи долгорочни решенија за државите од Западен Балкан, потребно е уште да се негува културата на спознание дека сите одлуки што се носат во регионот ги носат лидерите на самите држави, односно да се надмине впечатокот дека се тоа некакви решенија наметнати од страна.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK