Премиерот Христијан Мицкоски седнат во првиот ред во Собранието денес ги слушна барањата на родителите на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани. Тие побараа правда, одговорност и од актуелни функционери и вработени во институциите, системски измени за да не се повтори таква трагедија и психолошка и финансиска помош за семејствата на ист начин како што државата постапила по трагедијата во модуларната болница за која само неколку месеци по трагедијата имаше две одлуки за инансиска помош. Кажаа дека поднеле барање за финансиска помош на кое им било кажано дека ќе им одговорат откога ќе завршат изборите, но и еден месец по завршување на изборите, одговор немаат па сметаат дека се дискриминирани.
За барањето за финансиска помош премиерот Мицкоски, кога излезе од Собранието, не сакаше да зборува.
„Не би сакал за тоа да коментирам“, кусо одговори премиерот Мицкоски на прашањето за финансиската помош што ја бараат семејствата на загинатите и повредените.
Иако не сакаше да зборува конкретно за барањето за финансиска помош, премиерот Мицкоски уверува дека ќе стори се што е во негова моќ да помогне „на тие кои што се лекуваат да ја добијат онаа нега која што е потребна“.
Премиерот кажа дека секој пратеник може да предложи амандман за измени на секој закон кој би овозможил да се дојде до правдата за трагедијата во Коани, но досега такво нешто не е направено.
„Таков предлог досега никој од овие пратеници кои дискутираа нема доставено. Вистинското прашање е зошто се чекаа месеци да се закаже оваа анкетна комисија и моето чувство од оваа анкетна комисија е дека сите зборуваме за правда. И моето чувство е едно од главните барања на родителите е токму тоа, да има правда. Правда на анкетна комисија не може да има. Правда може да има во рамките на судски процес, нешто кое што јас веќе го зборував“, рече премиерот Мицкоски и неколкупати објасни дека обвинителот, а не тој, кажал дека секое изнесување факти во рамки на собраниската анкетна комисија може да наштети на истрагата па затоа не може да учествува во работата на анкетната комисија.
Премиерот двапати повтори дека со тоа што се појавил на собраниската анкетна комисија за Кочани, не само тој туку и целиот државен врв, покажал дека опозицијата со тврдењата дека нема да се појави само креирала лажна слика и растурала пердуви.