По повод празникот Курбан Бајрам, честитки до сите верници во регионот, иселениците од овој крај и до сите верници во светот упатија градоначалниците на Дебар, на Маврово и Ростуше и на Центар Жупа.
-Честит и за многу години празникот Курбан Бајрам на сите верници во општината и нашите сограѓани во светот, со желби за среќа, добро здравје и благосостојба во секое семејство. Посакувам Алах да ги прифати аџилакот, намазот, молитвата и курбанот, стои во честитката на дебарскиот градоначалник Хекуран Дука.
Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски од свое и од име на Советот на општината и општинската администрација посака овие бајрамски денови да ја „зацврстат верата, да ги зајакнат роднинските врски, да ги подобрат меѓучовечките односи и не направат подобри верници“.
– Овој празник не потсетува дека и покрај нашите разлики сите ние сме створенија на еден Створител, дека треба да се почитуваме и помагаме и секој да ја понесе својата жртва во зацврстување на верувањето во еден и единствен Господ и одржување и унапредување на семејните вредности и општествената одговорност. Нека е честит овој голем празник! За многу години, посака Куртовски.
Градоначалникот од Центар Жупа Аријан Ибраим празникот го честита со желби да го одбележат во радост и среќа, со топли чувства, кои, како што наведува, ќе го исполнат семејниот дом, но и со поголема меѓусебна грижа, почит, разбирање, помагање.
Во сите џамии во дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше, беа клањати утринскиот сабах и бајрам намаз, а главната празнична церемонија се одржа во Саат Кула џамијата во Дебар.