Во Охрид вечерва се чувствува мирис на чад од пожарот што ја зафати Галичица.
Кампери сведочат за „Макфакс“ дека во текот на денот во Охридското Езеро имало саѓи и пепел.
„Забележавме пепел во езерото. Си заминавме вечерва“, раскажуваат.
На социјалните мрежи се појавуваат апели за доброволци кои би можеле да помогнат да се изгасне пожарот.
„После консултација со планинската спасителна служба, сите физички спремни доброволци, утре во 07:00 часот да се пријавет кј планинарската куќа Спиридон, (после Црквичето Св. Ѓорѓија на Галичица накај Ресен од десна страна) со свој алат, мотика или гребло!
Најбитно е да сте физички спремни со базична планинарска опрема, кондури итн.
Досега само по 3-4 доброволци на ден се пријавувале, зато ајде да се собериме шо поголем број да си ја спасиме Галичица 🙏🏻
За жал моментално немат друга (поголема) организација за спас на националниот парк!“, се вели во апелот.
Центарот за управување со кризи претходно извести дека пожарот на Галичица се гасне цел ден со два воздухоплови и кон Стење-Лескоец на Преспанската страна и на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарската куќа.
Сите воздухоплови имаат свои технички карактеристики, а летањето се одвива согласно посебно воспоставени воздухопловни процедури за гаснење на пожари на отворен простор како и шумски пожари, велат од ЦУК.
Според последните информации активни се 14 пожари во моментов на целата територија на државата.