Скопската противпожарна бригада интервенира на пожар што денеска избувна во Визбегово, на локација кај обиколницата, каде што гори приватен имот на кој биле складирани стари автомобили, информираат од Град Скопје.
Од таму велат дека противпожарната бригада веднаш излегла на терен и интервенира со сите расположливи возила, опрема и човечки капацитети.
Паралелно, на местото на настанот се и инспектори на Град Скопје, а за случајот се известени Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина и Јавното обвинителство.
Од Град Скопје апелираат до граѓаните на смиреност, внимателност и почитување на насоките на надлежните служби.
„Институциите постапуваат координирано со цел пожарот да биде ставен под контрола, да се заштитат граѓаните и да се утврди одговорност за настанатата состојба“, соопштија од Градот.
Од таму додаваат дека нема да дозволат неодговорно однесување и создавање диви депонии што го загрозуваат здравјето на граѓаните и животната средина.