Потпишан договор за изградба на Европска куќа во Струга

gir
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

За околу четири месеци Струга ќе добие Европска куќа лоцирана во постоечки објект во Паркот на поезијата. Договорот за почеток на градежните работи денеска во Струга го потпишаа шефот на делегацијата на Европската унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко и в.д. претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов.

Паркот на поезијата, според евроамбасадорот Гир, е симбол на уметничкиот и космополитски дух на Струга, на исклучителната работа на браќата Миладиновци и на светски познатиот фестивал Струшки вечери на поезијата, кој обединува поети повеќе од 60 години.


– За околу четири месеци, овој парк ќе биде седиште и на Европската куќа, шеста по ред во Северна Македонија. Место каде младите од Југозападниот регион ќе може да се среќаваат, да разменуваат идеи и да работат заеднички за добра европска иднина за сите и за нивната земја, рече Гир.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека Европската куќа во Струга ќе биде место на собири, дијалог, раѓање нови идеи и креативност во согласност со европските вредности.

– На овој начин младите стружани ќе го зајакнуваат своето пријателство и ќе градат партнерства со младите од ЕУ, кои преку европски искуства ќе создаваат подобри можности за развој на нивниот потенцијал. ЕУ со ова го покажува долгогодишното партнерство и соработка кои ги имаме, но истовремено е и доказ дека македонските граѓани делат исти вредности со граѓаните на ЕУ.

Струга, според него, е место во кое низ вековите се преплетуваат различни традиции и јазици, што е одлика и на ЕУ, која ги обединува и историјата и културата и народите.

– И можеби не е случајно што денеска сме токму овде на ова место, со симболика дека ЕУ ја цени различноста и ја е заштитник на културата, истакна Маричиќ.

Струшкиот градоначалник Мерко изрази задоволство што денеска се отвора можност за изградбата на Европската куќа во Струга, која ќе биде место за соработка на младите од регионот.

– Преку соработката на младите се надеваме дека ќе донесеме една европска клима во Струга. Тука ќе прават проекти со Општина Струга, Американското катче и Домот на поезијата. Европската куќа ќе биде дел од многуте настани што се организираат во Струга, рече Мерко.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK