Поранешниот државен правобранител и актуелен адвокат, Фехми Стафа, се спогодил со Обвинителството да одлежи казна затвор од една година и три месеци. Тој е обвинет за примање поткуп од 50.000 евра за да влијае кај судија.
Од Кривичниот суд соопштија дека Стафа од вчера е спроведен во затворот во Шуто Оризари за издржување на изречената казна.
Стафа беше приведен во декември минатата година. Според МВР, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето влијание кај судија во Апелациониот суд Скопје за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈО ГОКК води постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.
На 6 октомври 2025 година примил 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13 декември 2025 година побарал и примил уште 20.000 евра.
Непосредно по примањето на вториот износ, Стафа бил уапсен, а кај него биле пронајдени парите.
Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен правобранител од 2018 до 2022 година, кога беше разрешен. Во последниот период работеше како адвокат и беше меѓу кандидатите на последниот јавен оглас за избор на член на Судскиот совет.