Видно ме вознемири веста дека гори Универзална сала, рече поранешниот директор на Универзална сала Душко Поповски, кој стигнал на лице место веднаш по информациите дека гори објектот.
„Дојдов да видам што се случува. Бев директор од 2005 до 2009 година, време во кое што и тогаш беше преамортизиран објектот. Дури беше и на граница на употреблива вредност. Ваков објект од времен карактер не смееше да работи во такво светло последниве 40-50 години. Не работи веќе последниве 7-8 години“, изјави Поповски.
Прва информација која што ја примил кога станал директор како што рече, била дека сличен проект или ист таков, бидејќи е бугарски проект, во Бугарија изгорел за седум минути.
„Можете ли да замислите каква трагедија би била во случај на преполна сала. Тоа беше мојот најголем страв дека еден ден ќе се случи пожар и навистина се случи, но за среќа веројатно без човечки жртви денеска и без повредени луѓе. Навивам да е така. Универзална сала беше синоним за сите луѓе во Македонија, веројатно најпознатиот објект, попрепознатлив и од Старата железничка станица и од Зоолошка градина и од сите објекти во оваа држава. Мислам дека за Универзална сите знаеја“ додаде тој.
Жалосно е, како што вели, што објектот бил толку измалтретиран и што не се направил уште пред 30 години.
„Уште во 2005 година кога јас стапив на должноста имаше проект за реконструкција и доградба. Тој проект се менуваше, пак велам, не знам за какви интереси, меѓутоа тој проект што јас го започнав во тоа време не се реализира“, нагласи Поповски.
Претпладнево ЦУК објави дека има пожар и гори кровната конструкција во Универзалната сала.
Како што објави ЦУК, гореше една од куполите на Универзалната сала. Подоцна надлежните објавија дека пожарот е локализиран.