Покачувањето на пензиите води кон зголемување на старосната граница за пензионирање и покачување на придонесот за пензиско, предупредуваат експертите

640f2713-1681-4ae9-8c70-56437fb3e7ac.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

За едни очекувано и неопходно за други неправедно и неправично, линеарното покачување на пензиите од 2.500 денари, кое треба да се пресмета во септемвриските пензии, ги загрижи економските експерти. Зголемен дефицит со продлабочување на дупката во Фондот за пензиско осигурување која се покрива со пари од централниот Буџет, оддалечување од стремежот за независност на Фондот за пензиско осигурување, политики кои водат кон зголемување на старосната граница за пензионирање и зголемување на придонесот за пензиско осигурување се последиците од зголемувањето на пензиите на ваков начин за кои предупредуваат експертите.


Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник, Фатмир Битиќи, смета дека линеарното покачување ќе нанесе силен удар кој може да има далекусежни последици.

„Линеарното зголемување на пензиите води кон две неминовни работи. Правата е зголемување на старосната граница за пензионирање, а втората е зголемување на придонесот за пензиско осигурување. Реално, следната година ќе ни требаат преку 200 милијарди евра само за линеарното покачување на пензии, што значи за да се исплатат ќе се кратат расходи за работи што му требаат на населението. На среден рок се доведува до прашање и одржливоста на Фондот за пензиско осигурување, имаме демографски карактеристики со иселувањето, во следните 5 – 10 години ќе имаме стареење на населението и сериозна бројка на луѓе ќе станат пензионери. Без сериозни реформи, Фондот нема да издржи долго време“, вели Битиќи.

Со линеарното покачување, смета дека повеќе од половина пензионери ќе добијат помало зголемување на пензиите отколку со планираното системско усогласување на пензиите со растот на трошоците за живот и растот на просечната плата.

„Ова не е праведно и правично решение. Околу 150.000 пензионери реално ќе добијат по 2.500 денари, но другите ќе добијат помалку отколку што би добиле со досегашното системско усогласување на пензиите. Линеарното покачување е неправедно за пензионерите и оти законското усогласување ќе се укине. Ветените 5.000 денари уште во изборната кампања ќе ги добијат, половина сега, половина со мартовските пензии, но за ново покачување ќе треба да чекаат нови предизборни ветувања од политичарите. Во септември следната година нема да има усогласување на пензиите. Ќе треба да чекаат до изборите во 2028 година кога на власта повторно ќе и требаат гласови за ново линеарно покачување на пензиите“, рече Битиќи.

Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска не одговори на прашањето од „Макфакс“ дали линеарното покачување на пензиите значи целосно напуштање на системското процентуално усогласување на пензиите двапати годишно.

„Одлуката за линеарно зголемување на пензиите од по 2.500 денари донесена од страна на Владата се однесува за септември 2024 и март 2025 година“, вели министерката и не кажува конкретно дали целосно го напуштаат системското усогласување на пензиите.

За линеарното покачување на пензиите до крајот на оваа година, министерката уверува дека се обезбедени средства со ребалансот на буџетот.

„За исплата на пензиите до крајот на 2024 година со ребалансот се обезбедени 5 милијарди денари. Од овој износ 2,5 милијарди се дополнителни средства за реализација на линеарното зголемување на пензиите и 2,5 милијарди денари се обезбедија средства коишто не биле првично планирани со иницијалниот Буџет“, вели министерката Димитриевска-Кочоска.

За да обезбедат средства за исплата на покачувањето во иднина, пак, министерката вели дека на редовна основа ќе ја следат наплатата на придонесите и извршувањето на расходите од страна на Фондот за пензиско осигурување и ќе реагираат доколку има потреба. Очекува дека во наредниот период со растот на платите и бројот на вработените ќе се зголемат изворните приходи на Фондот и тоа ќе влијае на стабилизирање на состојбата. Како мерка за стабилизирање на финансиската состојба на Фондот министерката ја наведува и борбата со неформалната економија, особено во делот на исплата на платите.

Фондот исплаќа пензии и за вработени за кои фирмите не плаќале пензиско

Поранешната директорка на Фондот за пензиско осигурување Билјана Јовановска, сведочи дека во Фондот треба да се направат многу измени кои може да ја подобрат неговата финансиска состојба.

„6% од пензискиот придонес Фондот на ПИОМ го префрла на приватните фондови, а тие се уште немаат обврска да исплаќаат пензии. Фондот на ПИОМ уплаќа секој месец  во ФЗОМ за секој пензионер 13% за задолжително здравствено осигурување, а за вработени тој изнесува 7.5 %. Исто така Фондот ги исплаќа во целост и пензиите и за сите кои беа вработени со проектот Македонија вработува иако за нив фирмите не уплаќаа придонес за пензиско осигурување со години, односно беа ослободени од плаќање со Закон. Таа финансиска обврска не ја презема ниту Министерството за труд, ниту Министерството за финансии и никој не врши уплата со намена за придонес за пензиско осигурување за тие лица. Кога се пензионираат во основицата за пензија им се засметува и им се исплаќа пензија и за тој стаж како да е платен иако во Фондот никој не направил уплата“, вели Јовановска.

Токму поради ваквите проблеми во Фондот, Јовановска смета дека од исклучително значење за полнењето на буџетот на Фондот за пензиско осигурување се политиките на Владата. Зголемувањето на бројот на осигурениците е најсигурниот извор, па таа смета дека пријавување на сите вработени, трансформирање на договорите на дело и сведување на минимум на авторските договори како во јавниот, така и во приватниот  сектор се решение за полнење на буџетот. Но и покрај сите овие забелешки, таа вели дека пензијата и досега можела да се покачи.

„Зголемувањето на пензиите сепак мора да се случи. Тоа е и реална потреба. Според постојната регулатива тоа би било процентуално, па така за едни ситно, за други многу. Со линеарното зголемување истиот буџет ќе се распредели подеднакво кај сите и ќе се дополни со трансфер од централниот буџет. Пензионерите исто се соочија со сите кризи изминативе години, како и со зголемени цени, зголемени трошоци. Реално државата мора да ги зголеми пензиите согласно нивните потреби. Мојот став уште пред повеќе од една година беше дека по околу 2.500 денари може да се зголемат пензиите во 2023 без никаков проблем“, вели Јовановска.

Иако е непопуларна мерка и таа смета дека Владата може да одлучи да го зголеми процентот кој работодавачите го уплаќаат како пензиски придонес за секој вработен  за обезбеди сигурснот на пенззискиот Фонд.

 

Работодавачите се против зголемување на придонесот за пензиско

 

Организацијата на работодавачи на Македонија е категорично против зголемување на придонесот за пензиско осигурување кој го уплаќаат за вработените.

„Работодавачите не се согласуваат со идејата за зголемување на стапката на придонесот за пензија, затоа што вкупните давачки од нето платата се огромни и ваквата измена би предизвикала зголемување на сивата економија и ќе го поттикне работењето на црно. Проблемот со пензискиот фонд треба да се решава најпрвин со зголемување на старосната граница за одење во пензија, по примерот на повеќето европски држави“, велат од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ).

По зголемувањето на старосната граница од ОРМ нагласуваат дека треба да се направат и потешките реформи на пазарот на трудот каде што „седат“ 110.000 невработени, а стопанството има проблем да најде работници.  Зголемувањето на бројот на вработени, според ОРМ, е едно од решенијата на проблемот, барем на краток рок, но за да се поттикне требаат реформи во образованието, поттикнување на претприемништвото, намалување на бирократските процедури, сеопфатно подобрување на условите на стопанисување како и зголемување на наталитетот и намалување на одливот на работоспособното население во странство.

Придонесот за пензиско осигурување кој го издвојуваат работодавачите за секој вработен изнесува 18,8 отсто од платата и последен пат беше зголемен пред четири години.

(Продложува)

Со овој текст, „Макфакс“ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK