Најавеното покачување на минималната плата од март следната година нема веднаш да ги зголеми останатите плати. Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, денес објасни дека усогласување на останатите плати со минималната плата ќе има, но од март 2025 година.
„Усогласувањето во март ќе видиме дали ќе биде затоа што потпишувањето на општиот колективен договор значеше воспоставување нова методологија. По 10-те проценти во септември што ги зедоа сите вработени во јавниот сектор, во септември 2024 година ќе има уште едно усогласување на платите и во март 2025 година да започнеме со новата пресметка на платите, односно коефициент помножен со просечна плата“, рече министерката Тренчевска.
Владата најави дека во март следната година минималната плата ќе порасне на 22.500 денари, а очекувањата беа дека согласно веќе потпишаните договори ќе се направи усогласување кое ќе ги зголеми и останатите плати.