По повод Светската недела на доење, кумановската болница ќе ги засили активностите за промоција на придобивките од доењето, соопштија денеска надлежните од здравствената установа. Во рамки на неделава, лекарите и мајките ќе разговараат за предноста и користа на мајчиното млеко, предавање за медицинските сестри, во делот на обезбедување помош при доењето. Веќе се испечатени летоци и активностите ќе се реализираат преку обуки, како да бидат упорни во овој процес.
-Во нашето родилиште може да се пофалиме дека висок процент на мајки, од 80 до 90 проценти, ги дојат новородените. Обуките, предавањата почнуваат уште пред породилното време, во Роса-школата која функционира одлично. Акушерките ги обучуваат мајките како да се постави новороденото на гради веднаш по раѓањето. По породувањето, сестрите акушерки го продолжуваат процесот на обука, вели д-р Александра Христова, супспецијалист неонатолог, раководител на Оддел за неонатологија во кумановска општа болница.
Таа појаснува дека доењето е комплексен физиолошки процес и не претставува само хранење. Мајчиното млеко содржи нутриенти, нуди имунолошка и антимикробна заштита, обезбедува добро здравје за долг период. Христова објаснува дека мајчиното млеко нема постојан состав и зависи од исхрана на мајката и зависи во кој период од лактогенезата. Во наредниот период до втора недела е преодно млеко. Од третата недела и понатаму се создава зрело млеко.
-Со доење треба да се отпочне после завршувањето на второто родилно доба, односно 30 мин после раѓањето на бебето, доколку мајката е во добра општа состојба. На почетокот во првите три-четири дена се создава колострум млеко кое е густо, малку по количина, жолто поради големата количина на бетакаротен и протеини. После млекото зрее преку преодно и зрело млеко. Најчесто градите на мајката се празни, односно немаат млеко, но поставувањето на новороденото на града, претставува стимул за создавање на хормони кои ќе се важни за создавањето на млекото и хормони кои го истиснуваат млекото од млечните жлезди во млечните канали, вели Христова.
Многу е важно бебињата да се хранат шест месеци со мајчино млеко, бидејќи содржи нутриенти и е важно бидејќи содржи раст за хормони, одбранбени клетки и агенси, важни за борбата со бактерии и вируси. Преку доењето се создава врска помеѓу мајката и новороденчето.
Светската недела на доење, традиционално, се одбележува од 1 до 7 август.