Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска му порача на премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски дека неговата земја доживеала премногу неправда на патот кон Европската унија и дека Хрватска ќе продолжи да се залага за забрзување на тој процес, пренесуваат хрватските медиуми.
„Мислам дека од македонска страна се направени толку многу отстапки, што ретко кој народ и ретко која земја би прифатиле да направат толку чекори од своја страна доколку не го забрзаат својот пат кон членство во Европската унија“. Пленковиќ, кој го прими Мицкоски во Загреб, додаде дека е охрабрен од тоа што поддршката на народот на Северна Македонија за европска интеграција е сепак висока, околу 70 проценти.
Пленковиќ смета дека има „премногу неправда“ кон Северна Македонија во повеќе од две децении и рече дека ќе се залага за побрзи преговори меѓу таа земја и ЕУ.
Пленковиќ рече дека „во овој момент билатералните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија се поважни од коментарите на неколку јавни настапи по изборите во Северна Македонија“ и дека најважно е „формално да започнат преговорите“.