Здружението на граѓани „Грин Пауер“ од Велес денеска го организираше традиционалниот Планинарски марш на планината Лопушник во чест на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.
Околу 80 планинари утрово тргнаа од кичевското селото Извор кон споменикот на Рацин на планината Лопушник, минувајќи пат 10 километри и 700 метри.
Како што информира за МИА Даниела Јовановиќ од ЗГ „Гри Пауер“ тие положиле букети цвеќе на споменикот на Рацин на Лопушник, а дел од учесниците запалиле и свеќи на местото на кое загинал поетот на 13 јуни 1943 година, каде и првично бил закопан.
Во овој планинарски марш освен 30 планинари од Велес, учествуваа и планинари од Росоман, Штип, Прилеп, Битола, Скопје, Кичево и по еден од Белград и од Франција.
Целта на маршот е оддавање почит на великанот на македонската поезија Коста Солев Рацин познат насекаде во светот по неговите „Бели Муги“, кој трагично загина пред 80 години на планината Лопушник.
Во негова чест вечерва низ главната улица на Велес ќе се одржи и втората Атлетска трка „Трчаме за Рацин“. За неа се пријавени над 500 учесници од Велес и повеќе градови во земјава, како и од Србија и Косово. Ќе се трча 5 и 10 километри, а стартот е во 19 часот.
Во 18 часот е Детската трка на 400 метри, за која се пријавени 120 учесници.
Организатор е трките е велешкиот АРК „Борец“ под покровителство на Општина Велес. За освојувачите на првите три места во женска и машка конкуренција се обезбедени се парични награди од осум, шест и четири илјади денари.
Двата настани се во рамите на програмата на 60-тите јубилејни „Рацинови средби“.