Петровска во посета на компанијата „Актива“ која доби пристап до пазарот на НАТО

slika1.jpeg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Штип ја посети компанијата „Актива“ која од крајот на февруари е впишана во евиденцијата за економски оператори кои имаат пристап до НАТО пазарот.


По обиколката на производствените капацитети на компанијата, министерката Петровска порача дека е импресионирана од процесот на производство и дека вратите до значајниот НАТО пазар се отворени за сите компании во Северна Македонија.

„Јас позитивниот пример на оваа компанија би го дала како пример и за останатите компании во Република Северна Македонија кои досега не пристапиле до Министерството за одбрана за нивна регистрација на НАТО пазарот да го искористат како успешен пример, се разбира тоа да го направат, а конкретно на компанијата и посакувам во наредниот период да биде и учесничка на НАТО пазарот, и во кратко време да не извести за позитивно склучен договор во Алијансата“, рече министерката.

Петровска ја истакна големината на НАТО пазарот и можноста компании од различни сектори кои ги исполнуваат стандардите и критериумите да учествуваат и порача дека во идниот период преку испраќање на свој претставник во НАТО – Агенцијата за набавки Министерството за одбрана ќе продолжи да им ја дава сета потребна поддршка на компаниите.

„Свесни сме дека тој НАТО пазар е предизвикувачки бара исполнување на високи стандарди и критериуми меѓутоа се разбира затоа е тука и државата, Владата, министерствата соодветно да го поддржат тој процес“, заклучи министерката.

Сопственикот на компанијата, Иле Николов истакна дека можноста за учество на компанијата на НАТО пазарот отвора една нова визија во нивниот производствен програм.

„Цениме дека покрај досегашните сериозни партнери кои што ги имаме од Европа и пошироко и овој сегмент кој што сега го добивме како сертификат, за да можеме да присуствуваме на тендерите ќе биде уште една можност да се докажеме и на овој пазар и се надевам дека со нашиот производен програм ќе можеме да се вклучиме во делот на потребите за НАТО индустријата“, рече Николов.

„Актива“ е компанија со високи стандарди од металопреработувачката индустрија, има повеќе сегменти во своето работење од кои два се издвојуваат, а тоа се металните конструкции како изградба на фабрички хали и производство во автомобилската индустрија како и во индустријата за градежни машини.

На почетокот на месец март, Министерството за одбрана организираше НАТО Индустриски ден на кој генералната менаџерка на НАТО Агенцијата за поддршка и набавки, Стејси Камингс и шефицата за набавки во НАТО Агенцијата за комуникации и информации, Џенифер Аптон со своите тимови во детали го објаснија процесот на учество на тендерите на НАТО – Алијансата.

Досега 44 македонски компании се впишани во евиденцијата на економски оператори кои можат да учествуваат на овој пазар, a две компании кои имаат учествувано на тендери на НАТО имаат добиено три поединечни договори – два договори за компанија во градежниот сектор и еден договор за компанија во секторот – организација на настани.

Секоја година по членството во НАТО забележано е зголемување на интересот на македонските компании за упис во евиденцијата за економски оператори. Ако во 2021 година, впишани се 8 компании, а во 2022 – 11, минатата 2023 година 21 компанија биле внесени во оваа евиденција, а само во првите два месеци годинава бројот на компании е 4.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK