Глобалната и европската безбедносна состојба, активностите за зацврстување на сигурноста на НАТО, потребата од гарантирање на стабилноста на регионот, како и начините за унапредување на одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Романија беа темите на кои денеска во Букурешт разговараа министерката за одбрана Славјанка Петровска и нејзиниот романски колега, министерот за национална одбрана Ангел Тилвар.
„Според нас и Северна Македонија и Романија водат прагматична надворешна и безбедносна политика чија основна цел e крај на воените дејствија и повторно враќање на мирот и сигурноста во Европа и во светот. Нашите две земји ја разбираат потребата од одговорно однесување кое наместо поделби и страдања, повикува на интеграција и заедништво“, рече министерката на состанокот. Петровска додаде дека македонските војници упатени во Мултинационалните сили на НАТО во Романија ќе продолжат да даваат свој личен придонес кон зацврстувањето на безбедноста на источното крило на Алијансата, вклучувајќи ја и Романија.
Пристапот 360 степени, истакна министерката, не е само декларативна заложба, туку секоја земја членка треба придонесе кон тоа. Задача на нашата држава е да го гарантираме нашиот одбранбен систем, но и да учествуваме во градењето на одбранбениот систем на Алијансата.