Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал- потполковник Васко Ѓурчиновски денеска во Домот на Армијата се сретнаа со семејствата на припадниците на Армијата кои се дел од мировните мисии во кои учествува Северна Македонија. На неформалното дружење со децата на мировниците преку видео-конференциска врска се приклучија и армиските припадници упатени во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија, мисијата на Алијансата во Косово, КФОР, операцијата на ЕУ во БиХ, АЛТЕА и мисијата на ООН во Либан, УНИФИЛ.
Петровска и Ѓурчиновски им ги честитаа претстојните празници на семејствата на македонските мировници, изразувајќи им благодарност за нивната поддршка за најблиските кои даваат личен придонес кон колективната и регионалната безбедност.
На припадниците на Армијата во овие мисии им посакаа успешна мисија и безбедно враќање дома кај своите најблиски и во Армијата.
Децата на мировниците добија новогодишни пакетчиња од Дедо Мраз, а радост донесоа и аниматорите во ликовите на најпознатите детски цртани филмови.
Армиските припадници во мировни мисии порачаа дека сите задачи се извршуваат на најпрофесионален начин и дека мотивираноста и посветеноста се на највисоко ниво. Мировниците преку видео-конференциската врска на своите семејства им посакаа среќни празници.