Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска во Врање, Србија, заедно со министерката за Европски интеграции на Република Србија, Тања Мишчевиќ и шефот на Европската делегација во Република Србија, Емануеле Жиофре, го објавија Првиот повик за поднесување на предлог проекти во рамки на ИПА 3 прекуграничната пограма Србија – Македонија 2021-2027. Заинтересираните субјекти ќе можат да аплицираат до 22.октомври и во оваа фаза предвиден е буџет од 5.400.000 евра. За потребите на заинтересираните апликанти и оние кои ќе имаат потреба од логистичка поддршка и помош за пронаоѓање партнери, функционира заеднички технички секретаријат со канцеларија во Лесковац и Куманово.
„Дозволете ми да ги повикам сите заинтересирани страни, кои сакаат да се јават на овој јавен повик, да ја искористат можноста да аплицираат на повикот кој ќе трае до 22.октомври, а за кој е обезбеден буџет од 5.400.000 евра. Како и досегашните програми ИПА 1 и ИПА 2, очекуваме и оваа ИПА 3, да биде навистина успешна, да придонесе во соработката помеѓу двете држави, да го подобри капацитетот на пограничните региони и овозможи подобар и поуспешен и поквалитетен живот на граѓаните од овие области, што практично во основа е и основна цел на оваа програма“, изјави Перински, кој верува дека проектите од оваа програма ќе го унапредат и квалитетот на живот на граѓаните, но и ќе ја продлабочат соработката помеѓу пограничните региони.
Изборот на проекти кои ќе се финансираат, како што напомена Мишчевиќ, ќе го врши соодветна комисија.
„Ниту министерот Перински, ниту јас, немаме никаква улога во одлучувањето. За изборот на проектите ќе одлучува соодветна стручна комисија, која прави проценка на проектите, во однос на исполнување на критериумите и слично. Може да бидеме горди од досега спроведената ИПА 2, при што стапката на искористеност е 94 отсто од вториот, односно 98 отсто на реализираност од првиот повик“, истакна Мишчевиќ.
Задоволство од досега реалзиираните програми, изрази и шефот на Европската делегација во Република Србија, Жиофре, кој посочи дека од исклучителна важност се добрососедските односи и соработка помеѓу земјите.
„Меѓудругото, преку реализацијата на оваа програма, таа ќе помогне на локалните заедници во решавање на социјалните проблеми со кои се соочуваат ранливите категории на лица, а друга важна компонента на оваа програма е подобрување на туристичката инфраструктура.
Сметам дека овие клучни програми ќе овозможат економски развој и раст во пограничниот регион“, додаде Жиофре, кој посочи дека Европската Унија донира 5.400.000 евра за оваа фаза од ИПА 3.
Посетата на Врање, Перински ја искористи и за работна средба со градоначалникот на Град Врање, Слободан Миленковиќ, а посети и неколку локации кои веќе имплементираа проекти од ИПА 2 програмата. Заедно со министерката Мишчевиќ ги посетија Секторот за вонреди ситуации при Министерството за внатрешни работи во Врање и јавните претпријатија „Комрад“ и „Водовод“.
Благодарение на проектот „Заеднички интервенции во вонредни ситуации во пограничниот регион Србија и Бугарија“, зајакнати се капацитетите на единиците во Врање и Лесковац, кои сега со набавена опрема имаат можност да реализираат навремена координирана акција помеѓу земјите во регионот.