Перински: Општините Теарце, Врапчиште и Јегуновце постигнаа енергетска и финансиска ефикасност

Министер-Перински-во-посета-на-Општина-Теарце-3.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Општините Теарце, Врапчиште и Јегуновце постигнаа енергетска и финансиска ефикасност како резултат на паметното улично осветлување поставено во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“. Со поддршка на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија, на подрачје на трите општини извршена е замена на 1412 стандардни светилки со паметни ЛЕД светилки. Резултатите на проектот беа презентирани денеска во Општина Теарце во присуство на министерот Златко Перински и амбасадорката, Вероник Улман, градоначалниците на Општините Теарце, Врапчиште и Јегуновце, Нухи Незири, Исен Шабани и Димитар Костадиноски, а присуствуваше и директорот на Центарот за развој на Полошки плански регион, Фатмир Саити.


На видео презентацијата на резултатите од проектот, вреден 2.488.500 денари, беше истакнато дека на подрачје на општина Теарце заменети се 889 постојни светилки со паметни ЛЕД светилки, на подрачје на Врапчиште поставени се 323, а на подрачје на општина Јегуновце извршена е замена на постојни 200 светилки со паметни ЛЕД светилки. Како резултат на имплементацијата на проектот, за период од пет месеци во 2024 година, Општина Теарце заштедила речиси 12 отсто електрична енергија во споредба со истите месеци во однос на 2021 година, додека заштедата на Општина Врапчиште сега е над 20 отсто во однос на 2022 година.

„Придобивките од проектот се многукратни, како за Општините, така и за граѓаните. Со нив се намалува емисијата на CO2, Општините заштедуваат на електрична енергија и трошоци за одржување со што се придонесува за зголемување на оперативната ефикасност за управување со осветлувањето и ефикасноста во планирање на идните заштеди на енергија“, посочи директорот на ЦРППР, Саити, кој ги презентираше постигнатите резултати од поставеното ЛЕД осветлување.

Според министерот Перински, проектот е уште еден доказ за поддршката која ја дава Министерството за локална самоуправа за унапредување и развој на сите единици на локална самоуправа низ сите осум плански региони, заедно со Владата на Швајцарија со која, како што истакна Перински, Министерството има одлична соработка.

„Општинските управи и граѓаните на Теарце, Врапчиште и Јегуновце веќе ги чувствуваат придобивките од реализираниот проект кој има за цел долгорочно ефикасно одржување на системите за осветлување. Општините сега имаат намалени трошоци за електрична енергија што создава услови за подобро менаџирање на буџетите. Новите ЛЕД светилки условија подобрена и соодветна видливост на јавните површини, што ја зголеми сигурноста за движење на пешаците и возилата, а намален е и ризикот од несреќи. Сето ова го подобри квалитетот на живот на граѓаните, а е од економско значење за Општините“, изјави министерот Перински.

Амбасадорката Улман не го криеше задоволството од постигнатите резултати од проектот и од соработката на трите општини.

„Задоволство ми е што денеска сум овде и ги гледаме резултатите од проектот и соработката на трите општини. Во случајов, постигнати се повеќекратни бенефити, заштеда на електрична енергија, поголема безбедност за граѓаните, а со ЛЕД светилките ја заштитуваме и животната средина поради намалената емисија на јаглерод диоксид. Ова е многу добар модел кој може да го реплицираат и останатите општини“, посочи амбасадорката Улман.

Општина Теарце е една од трите општини, која веќе ги чувствува бенефитите од паметното осветлување, меѓудругото, засега бележи заштеда на електрична енергија од 12 отсто. Градоначалникот Незири посочи дека паметни ЛЕД светилки се поставени во речиси сите населени места кои гравитираат на подрачје на Општина Теарце, односно во 13 села.

Со проектот се изврши стандардизација на осветлувањето на патната мрежа во Јегуновце, соодветно се осветли локалниот пат кон граничниот премин Јажинце, како и дел од патот кон регионалниот автопат Тетово – Гостивар, два сообраќајни правци кои се многу фрекфентни и голем дел од месното население ги користи секојдневно.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK