Додека работниците секојдневно се соочуваат со деградирачки услови за работа, ниски плати и системска негрижа за нивната безбедност, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, подготвува нов удар врз нивните права, истакнуваат од Левица.
Наместо, акко што велат, да обезбеди здравствена сигурност и навремена исплата на надоместоците, Фондот најавува скратување на боледувањето од матичен лекар и дополнителни контроли врз болните работници. „Власта на ДПМНЕ очигледно смета дека најголемиот проблем во државата се работниците кои се разболуваат, а не институциите кои не си ги исполнуваат обврските.
Ова е уште еден удар врз грбот на народот кој секојдневно работи во деградирачки услови, за ниски плати и без сигурност дека ќе ги оствари основните работнички права.
Во држава во која работниците се изложени на несигурни работни места, притисоци од работодавачите и недостоинствени услови за работа, власта на ДПМНЕ избира да ги третира болните работници како потенцијални измамници, наместо да ги заштити од експлоатација“.
Наместо да се справува со работодавачите кои ги принудуваат работниците да работат болни, не го почитуваат работното време и безбедноста при работа, Перински, додаваат од Левица, најавува контролори кои ќе тропаат на врата за да проверуваат дали работникот е дома.
Македонија, оценуваат од партијата, има сериозен проблем со заштитата на работничките права и безбедноста при работа, а наместо суштински мерки за подобрување на состојбата, ДПМНЕ продолжува со политиките на стегање на обрачот околу работниците. „Скратувањето на боледувањето не е реформа, туку дополнително ограничување на правото на лекување и одмор кога здравјето на работникот е нарушено.
Ова е уште еден скандал во низата скандали на Фондот за здравство, додека со месеци породилките се соочуваат со доцнење на исплатата на породилниот надоместок. Како може Фондот да најавува нови контроли врз работниците, кога не успева навремено да им ги исплати средствата што им следуваат? Како може да се зборува за дисциплина и одговорност кај работниците, кога институцијата задолжена за нивната здравствена и социјална сигурност не си ја исполнува својата основна обврска?
И ова доаѓа од некадарен директор поставен по мерка на власта. ДПМНЕ менуваше закон за да може Златко Перински да биде поставен на чело на Фондот, иако неговото образование е од областа на физичката култура, а магистерската диплома е од вмровскиот Универзитет за туризам и менаџмент – во јавноста е познат по скандалот со фалсификуваната диплома на директорот на АНБ“.
Граѓаните, нагласуваат од таму, заслужуваат здравствен систем кој ќе им биде потпора кога се болни, а не репресивен механизам кој ќе ги плаши дека ќе бидат санкционирани ако не се дома во моментот кога контролорот ќе реши да им ѕвони на врата.