Целта на процесот на децентрализација на власта е нивото на одлучување да се приближи до граѓаните за сите прашања кои што имаат директно влијание на нивното секојдневно живеење, токму затоа ја поддржуваме иницијативата на Народниот правобранител за отворање на дебата од аспект на остварување на правата на граѓаните за прашања од локална надлежност, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.
„Во 2005 година системот на локалната самоуправа се реформираше суштински, а главниот столб на таа реформа беше децентрализацијата на власта. На тој начин би се овозможило подиректно учество на граѓаните во креирањето на локалните услуги, согласно нивните приоритети, но и подиректен притисок над локалните власти за поефикасно, поодговорно и потранспарентно работење“, додаде Пенов.
Во однос на процесот на децентрализација, министерот за локална самоуправа истакна дека секој процес кој што се гради на претпоставки за подемократски и поинклузивен социо-економски развој на државата и на локалната заедница, прави позитивни промени. Динамиката на процесот зависи од многу околности, од свесноста на граѓаните за нивната улога во локалната заедница и инструментите што им стојат на располагање, од подготвеноста на локалните власти да го поттикнуваат граѓанското учество и да ги вклучуваат граѓаните, од капацитетноста на локално ниво, од финансиските средства со кои што располага, од начинот на нивно планирање и реализирање.
„Имајќи ја предвид важноста на сите овие аспекти, за да може општината да одговори на потребите на граѓаните, Министерството за локална самоуправа со голема поддршка од донаторската заедница, од Европската Унија, од швајцарската Влада, од шведската Влада, од УНДП, УСАИД, ОБСЕ и други меѓународни организација, во континуитет спроведува проекти за зајакнување на општинските капацитети. Приоритетот е ставен на механизмите за подемократско и потранспарентно управување со работите од локална надлежност, како и на подобрување и воедначување на квалитетот на јавните услуги. Министерството за локална самоуправа во соработка со Министерството за финансии и со УСАИД се работи на подобрување на законската рамка за данокот на имот, како и на зајакнување на капацитетите на општините за поефикасно спроведување на оваа многу важна надлежност, што има директно влијание на финансиските капацитети на општините за обезбедување на локалните услуги“, рече Пенов.
Истакна дека Народниот правобранител има посебна улога во системот на надзор над работата на органите на локалната самоуправа, покрај надлежните министерства, секое во својата област, Државниот инспекторат за локална самоуправа, Државниот завод за ревизија и Уставниот суд. Институцијата Народен правобранител е многу важна алка во овој систем, затоа што своите наоди и препораки ги гради врз основа на претставките кои што доаѓаат директно од граѓаните.
„Затоа Извештајот на Народниот правобранител е еден од најрелевантните механизми за констатирање на одредени слабости, кој што треба да им помогне на надлежните органи и институции, вклучително и на општините, да ги отстранат, со цел да се обезбедат услови за целосно остварување на правата на граѓаните. Само преку заеднички, координиран и позитивен пристап на сите надлежни институции, вклучително и на локалната самоуправа може да се коригираат слабостите. Во таа смисла важна е проактивната улога на граѓаните, како и институцијата Народен правобранител која што ги претставува нивните интереси, рече министерот за локална самоуправа на форумот „Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализацијата за граѓаните“ во организација на канцеларијата на Народниот правобранител, што се одржа во општина Штип.