Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на конференцијата „Надзорната улога на Народниот правобранител над разузнавачките и безбедносните структури, од аспект на заштитата на правото на приватност на граѓаните“, во организација на Народниот правобранител и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека Народниот правобранител, како заштитник на уставно загарантираните права и слободи на граѓаните, до обвинителството може да иницира и водење на соодветни кривични постапки доколку при вршењето на надзорната функција оцени дека постои основ на сомневање дека е сторено кривично дело од страна на институциите и нивните претставници. Тие овластувања од гледна точка на јавноста, како што потенцираше претседателот Пендаровски ниту се мали, ниту можат лесно да бидат занемарени или маргинализирани од институциите и високите функционери во нив.
„Иако имаме напредок, не можеме да кажеме дека сме ја заокружиле реформата на безбедносниот сектор и тоа токму во делот на надзорот и контролата врз работата на службите, иако тоа беа клучните сегменти во препораките кои ги добивме од извештајот на Прибе, имено, да се оневозможи повторување на масовното прислушување и кршење на приватноста на граѓаните кое со години се спроведуваше од страна на дел од припадниците на службите, а по барање на тогашната власт. Во овој сегмент, особена важна улога има Народниот правобранител. Иако оваа институција има сразмерно помали извршни овластувања во споредба со обвинителството или со парламентарната комисија за надзор, сепак, таа е најблиску до суштината на она што се нарекува – граѓанска контрола над власта, вклучително и врз еден од нејзините најсензитивни делови – безбедносните служби“, рече Пендаровски.
Образложи дека фактот дека оваа институција има овластување да бара одговори од институциите на власта по претставки на граѓаните, вклучително и да врши увид во класифицираните информации со какви, главно, работат безбедносните служби, ги прави нејзините забелешки и препораки до институциите на власта, не само основа за медиумски извештаи, туку и инструмент за кревање и менување на јавната свест.
Пендаровски ја охрабри институцијата Народен правобранител во иднина да има уште попроактивен пристап и дури и самата да иницира постапки кои во крајна линија ќе помогнат во создавањето на нова правна и политичка култура за вистинското место и улогата на службите за безбедност во демократијата.