Во организација на Министерството за здравство денес во Владата беше претставена Стратегијата за дигитално здравство 2026–2030 на лекари, пациентски организации, комори, институции и ИТ експерти. Целта е до 2030 година секој граѓанин да има пристап до своите здравствени податоци, а секој лекар да ја има целосната информација во моментот кога го лекува пациентот.
„Денес пациентот ја носи својата историја од шалтер до шалтер. Наодот од приватната лабораторија, снимката направена во друга болница и терапијата препишана надвор од упатниот ланец често не се пред лекарот кога тој одлучува. Анализата на која се заснова стратегијата го опишува системот како „функционално оперативен, но структурно фрагментиран“. „Мој термин“, Фондот и регистрите на Институтот за јавно здравје работат, но не разменуваат податоци меѓу себе“, истакна министерот за здравство, Сашо Клековски.
Тој појасни што ќе значи тоа за пациентите и кои се бенефитите.
„Податоците го следат пациентот. Податоците ќе одат со пациентот од матичниот лекар до специјалистот, болницата, лабораторијата и аптеката. Пациентот нема да ја раскажува историјата одново, а истите анализи нема да се прават двапати. Преку надградениот портал „Мое здравје“ граѓаните ќе имаат пристап до своето здравствено досие, покрај термините и е-рецептите што се достапни денес. Потоа ќе следат и консултации на далечина“, рече Клековски.
Исто така, пациентот ќе може да види кој ги отворил неговите податоци, да побара исправка на грешка, да овласти претставник и да даде или повлече согласност. Овие права ќе бидат уредени со закон.
Телемедицината ќе добие правна основа, а хроничните пациенти ќе можат да се следат на далечина, особено во руралните средини без редовен пристап до специјалист. Услугите ќе бидат прилагодени за лица со попреченост, а за постарите лица и за граѓаните што не користат дигитални услуги ќе останат достапни и класичните канали.
„Стандардите и системите ги правиме ние. Разликата ја чувствува пациентот — или не ја чувствува. Тоа е мерката“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски. „Ова не е проект за нови компјутери. Сакаме системите што веќе ги имаме да почнат да работат заедно, за пациентот и за лекарот“, додаде министерот.
Стратегијата содржи 5 приоритети, 38 мерки и 152 активности. Во 2026–2027 година се поставуваат основите: законите, институциите и стандардите. Главната имплементација, вклучувајќи го „Мое здравје“, е предвидена за 2028–2029 година. Стратегијата е усогласена со Европскиот простор за здравствени податоци, што ќе им овозможи на граѓаните по пристапувањето во ЕУ нивните податоци да бидат достапни и кога се лекуваат во друга држава-членка.
Стратегијата е изработена во рамки на проектот „Надградба на системот за е-здравство“, финансиран од Европската Унија преку ИПА III. Проектот го спроведуваат консултантските компании Гномон и АСЕЕ. Коментарите од денешната консултација ќе бидат вградени во ревидираната верзија, која ќе биде доставена до Владата на усвојување.