Гувернерката на Мичиген Гречен Витмер го прогласи септември оваа година за месец на македонско-американското наследство.
Витмер вели дека е важно да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци.
-Септември има значење за македонските Американци како што се наближува годишнината од Денот на независноста на Република Македонија, симболизирајќи го патот на државата кон суверенитет и нејзините трајни врски со македонско-американската заедница, се вели во известувањето на гувернерката.
Во него се посочува дека Американците со македонско потекло придонесуваат за американската култура преку „бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и бројни други области“.
Викендов, во Детроит се планирани активности и програми поврзани со македонската култура, а ќе се одржи и 49. национален црковен собир во организација на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
Витмер вели дека македонските имигранти почнале да доаѓаат во САД од пред повеќе од еден век, а денес има над половина милион Американци со македонско потекло во државата.
Нејзината прокламација е на барање од Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
Мичиген во 2020 година, го прогласи 8 септември за ден на македонските бизниси, а во 2021 година и Претставничкиот дом на Мичиген донесе резолуција со која го прогласи септември за месец на македонско-американско наследство.
Во оваа сојузна држава живеат околу 125 илјади Американци со македонско потекло.
Во јули годинава, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон, претстави резолуција во американскиот Сенат да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.
Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.