Откриен дилер од Скопје, полицијата дома му најде марихуана и хероин


zaplena-droga-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 46-годишен жител на Скопје, осомничен за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 став 1 од Кривичниот законик.


Според истрагата, осомничениот месецов неовластено набавил наркотична дрога – хероин и марихуана од засега непознато лице. Дрогата ја чувал, мерел, дробел и препакувал во својот дом на улицата „Васил Ѓоргов“ во Скопје, со намера да ја продава.

„При претрес на 7 февруари, во неговиот стан беа пронајдени две пакувања марихуана со вкупна нето маса од 35,46 грама, како и петнаесет пакувања хероин со вкупна нето маса од 13,49 грама. Дополнително, беа најдени апарат за мелење шеќер со остатоци од кокаин и хероин, дигитална вага за мерење на наркотични супстанции, како и други предмети со траги од дрога“, соопшти Обвинителството.

Јавниот обвинител достави предлог до судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да го повтори делото или да ја попречува истрагата со влијание врз сведоци и евентуални соучесници.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK