Сегашниот директор на одделението во Велес на КПД Идризово, Ибрахим Ељези 4 години бил во затвор, тврди Методија Илиевски, советник на СДСМ во Советот на општина Битола. Тој вели и дека в.д. директорот на затворот во Прилеп, Емил Јанески, има кривична пријава за оштета на буџетот на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп
Осудениот криминалец Ибрахим Ељези, кој лежел 4 години затвор, е именуван за в.д. директор на затворот Идризово, одделение Велес, тврди на денешната прес конференција Методија Илиевски, советник на СДСМ во Советот на општина Битола.
Тој вели дека Ибрахим Ељези е осуден и лежел 4 години затвор, од 2013 година до 2017 година во Идризово.
„Кривичното дело за коешто бил осуден е за неовластено производство и пуштање во промет на дрога. Сега истиот овој човек, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го ствааат директор на затвор КПД Идризово, одделение Велес“, вели Илиевски.
Тој исто така прстот го впери и во Емил Јанески, за кој вели дека со кривична пријава за „несовесно работење“ со одлука на Мицкоски е именуван за в.д. директор на затворот во Прилеп.
„Јанески во 2020 година бил директор на ЈКП Водовод и канализација Прилеп и против него МВР има поднесено кривична пријава за „несовесно работење во службата” и штета врз буџетот од препријатието во висина од 2,3 милиони денари. Дури и ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција бараше Јавното обвинителство да реагира и да ги расчисти сомнежите за наводната милионската проневера од Јанески. И сега истиот тој ВМРО-ДПМНЕ го назнаува за в.д. директор на затвор“, посочи Илиевски.