Претседателот на Синдикатот на вработените во органите на државната управа, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски денеска сам излезе пред Центарот за социјална работа Скопје за да побара обезбедување на безбедноста на вработените во социјалните центри, откако во Прилеп колешка, на работното место беше погодена со два куршума. Деаноски обвини дека по наредба на Министерството за социјална политика директорите и раководителите на скопските центри ги заплашиле вработените.
„Денеска беше замислено заедно со мене да има голем број вработени во Центарот за социјални работи кои само сакаа да дадат поддршка на нивната колешка и да побараат од работодавачите побрзо да има мерки за заштита на работа на вработените. За жал од вчеравечер по наредба од Министерството за социјална политика и раководителите и директорите од скопските центри за социјална работа останав без колегите бидејќи сите се заплашени. Им се закануваат дека ако излезат надвор и дадат поддршка на колешката и побараат какви било друго право ќе бидат избркани од работа или ќе бидат распоредувани на други места“, рече Деаноски.
Бидејќи одбрале да комуницираат со Синдикатот на УПОЗ преку медиумите, Деаноски ги охрабри и им порача дека за правата на работниците не треба да се молчи туку треба да се борат и оти никој не може да ги избрка од работа ако сакаат да дадат поддршка на колешка.
Деаноски рече дека барањата на вработените во центрите за социјална работа се стари, истите од 2023 година кога почнаа да се организираат во Синдикатот на УПОЗ, а се однесуваат на мерки за поголема безбедност на работните места.
„ Треба да се знае дека центрите за социјална работа се специфична група на вработени. Секогаш работат со најмаргинализираната група на граѓани во нашето општество и секогаш се изложени на голем ризик во работата. Напаѓани се вербално, напаѓани се физички, а она што се случи пред некој ден во Прилеп беше кулминација на сите напади досега. Верувам дека и работодавачите не сакаат тоа да се случи“, вели Деаноски.
По денешната осуда на нападот на вработената во Прилеп и најавите дека ќе преземат мерки за зголемување на безбедноста на работните места во центрите за социјална работа од Министерството за социјална политика, Деаноски изрази надеж дека мерките нема да се задоцнети. Тој потсети дека вработените во центрите работат во никакви услови, не добиваат надоместок за дежурство, не добиваат надоместок за приправност, влегуваат сами без полиција, во случаи каде што има убиства, без никаква заштита, а за тоа немаат ниту бенефициран стаж. Овие проблеми Деаноски побара итно да бидат решени за да се избегнат исти или слични ситуации.