Шефот на дипломатијата Бујар Османи, денеска во Стразбур оствари средби со Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ и со комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ.
Османи претходно денеска се обрати пред Комитетот на министри на Советот на Европа (СЕ), каде ги претстави осегашните активности во својство на претседавач на ОБСЕ, при тоа како клучни ги издвои посетите на Украина, Молдавија, Јужен Кавказ, како и на Србија и на Косово, потенцирајќи ја и континуираната работа на ОБСЕ во овие клучни региони за Организацијата.
-Приоритетите на Македонија како претседавач со ОБСЕ: градење доверба и помирување, антикорупција и добро владеење се многу слични со тие на Советот на Европа. Токму затоа, нашата соработка има уште поголемо значење.
Со Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, разговаравме како нашите организации да ја продолжат заедничката работа со крајна цел обезбедување на стабилност и безбедност во Европа и во поширокиот регион на ОБСЕ, напиша Османи на Фејсбук.
Додаде дека соработката е видлива и преку формалните и неформалните партнерства помеѓу теренски мисии и канцелариите на СЕ.
-Потврда за тоа се активностите фокусирани на помирувањето и подобрувањето на интегрираното образование во Босна и Херцеговина и во Македонија, промоцијата на човековите права и владеење на правото во Србија и во Таџикистан и борбата против родово заснованото насилство во ЈИЕ. Овие партнерства се суштински за максимизирање на бенефитите за луѓето, додава Османи во објавата.
Информира дека на средбата со комесарката за човекови права на Советот на Европа, Мијатовиќ, разговарале за областите во кои ОБСЕ и СЕ соработуваат, но и за нејзината претходна позиција како претставничка на ОБСЕ за Слобода на медиумите.
-Советот на Европа дава силна поддршка на институциите на Македонија во насока на постигнување целосна усогласеност со европските стандарди и вредности во областите на демократијата, човековите права и владеењето на правото. И покрај различните предизвици, низ годините развивме добри практики кога станува збор за толеранцијата, недискриминацијата, почитувањето и заштитата на правата и слободите на поединци со различна етничка припадност што ја направи Македонија пример за мултифункционално демократско општество, напиша Османи на Фејсбук.
Додава дека во моменталниот гео-политички, контекст од особено значење е и ЕУ да донесе кредибилни одлуки во однос на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.