Започнати активностите за изградба на спортско-рекреативниот парк кај „Топлик“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со воведување во градежните активности, започна реализацијата на Проектот за изградба на спортско-рекреативниот центар „Топлик“ во Гевгелија. Преку Проектот за изградба на спортско-рекреативен центар, просторот околу браната „Топлик“ ќе биде оплеменет со урбана опрема за одмор и рекрација на жителите од општината. Во наредниов период ќе бидат поставени: летниковци, клупи и масички за седење, корпи за отпадоци, патокази и канделабри на сончева енергија за осветлување на просторот, како и изградени патеки за рекреација и поврзување на просторот и уредени простори за седење.

Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, го изрази своето задоволство што уште еден проект од предизборната програма за Локалните избори 2021 година започна да се реализира, за што претходно беше изработена техничка документација. Исто така, истакна:



– Денешното динамично живеење создава потреба од обезбедување на рекреативни содржини за поквалитетен живот на нашите сограѓани. Местото „Топлик” е избрано како локација блиска до градот која има огромен потенцијал да прерасне во рекреативен центар. Важно е дека со реализацијата на овој проект нема да бидат предизвикани штети по животната средина и потенцијалот на природните богатсва околу браната „Топлик“.

Овој проект се реализира во рамките на Програмата „Зајакнување на Општинските совети- Фаза 2“, финансирана од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери. Имено, овој предлог-проект беше избран како приоритетен на серијата форуми за избор на проект од областа на животната средина којшто ќе се реализира со грант од УНДП и сопствено учество на Општина Гевгелија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK