Во пресрет на одбележувањето на големиот муслимански празник Курбан бајрам, во Дебар, почна продажбата на овни кои се принесуваат како курбан за овој празник, кој годинава се паѓа на 28 јуни.
– Пред празникот Курбан бајрам, почнавме со продажба на овни. Годинава за продажба имаме околу 3 илјади грла а во зависност од тежината и возраста едно грло го продаваме од 140 до 300 евра. Цената е повисока од минатата година, кога таа се движеше од 100 до 150 евра по грло. Освен дебрани купувачи се и жителите од долнореканските села, општина Маврово и Ростуше, како и помал број од општина Центар Жупа, бидејќи и таму има пазар, изјави за МИА, Скендер Аме, претседател на здружението на сточари „Даши“.
Продажбата се врши во дел од стариот градски пазар, што и според сточарите а и според Аме не е најсоодветно место.
– Проблемот со недостиг на сточен пазар е присутен со години на ред. Ова сега а и она на кое претходно продававме, не е соодветно место за продажба на добиток. За нас најсоодветно место за тоа е дел од зелената површина кај новиот градски пазар, кој би бил прописно ограден а сточарите би си плаќале такса за да тој соодветно биде одржуван, нагласува Аме.
Додаде дека за таа цел се обратиле и до локалната власт и во текот на утрешниот ден имаат закажано средба со градоначалникот Хекуран Дука, па се надева дека овој проблем ќе биде решен еднаш засекогаш.
Курбанот, според верниците, се коли првиот ден од празникот, по што месото се распределува на сиромашни семејства.
Овој празник, кој се одбележува четири дена, се нарекува уште и Аџи Бајрам, бидејќи на светите места Мека и Медина, во Саудиска Арабија, се реализира петтиот столб на исламот-аџилакот.
Од нашата држава на аџилак се 2.030 верници, од нив 30 од дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и Маврово Ростуше, односно подрачјето на Река.