Доброволното противпожарно друштво ,,Саси” од Македонска Каменица започна со воведни запознавања и противпожарни обуки за членовите на друштвото. Во текот на претходните денови на дел од членовите на ДПД ,,Саси” во кругот и просториите на Територијалната противпожарна единица М.Каменица од страна на командирот на единицата Малин Трајчевски им беше извршено воведно запознавање за теорија на пожари, типови на пожари и запознавање со техничките средства како и опремата и возилата кои ги поседува ТППЕ Македонска Каменица.
– Со овие воведни запознавања и обуки ќе се продолжи и во наредниот период и се надеваме дека во наредниот период на членовите на ДПД ,,Саси” Македонска Каменица ќе им биде извршена и обука од страна на овластени државни институции која е неопходна за да може членовите на друштвото да учествуваат во разни интервенции како дополнување на професионалната противпожарна единица, информираа од друштвото.
Поради слабата опременост единицата отвори јавен повик до сите правни субјекти, државни/локални институции и физички лица кои се во можност да донираат опрема и средства кои ќе бидат наменети за обезбедување на соодветна работна и огноотпорна заштитна опрема, технички средства и останата опрема која е потребна за побрза и поефективна работа на друштвото.
– Во моментот друштвото не располага со доволна и соодветна опрема за настап на своите членови на интервенции, а со оглед на фактот дека станува збор за непрофитно друштво ги повикуваме сите заинтересирани правни и физички лица кои се во можност да донираат опрема и средства кои ќе бидат наменети за обезбедување на соодветна работна и огноотпорна заштитна опрема, технички средства и останата опрема која е неопходна за учество во разни интервенции, додадоа од ДПД ,,Саси”.
Сите оние кои ќе изразат желба за донација на ДПД ,,Саси” Македонска Каменица истата може да ја реализираат на отворената денарска сметка на Комерцијална Банка со број 300320000040372.