Вода за наводнување од Хидросистемот „Брегалница“ пристигна до селото Црнилиште во Општина Свети Николе.
Директорот на Водостопанство „Брегалница“ Благојчо Богатинов за МИА вели дека информациите од терен се оти земјоделците во овие села веќе можат да ги наводнуваат своите ниви со пченка, детелина, лозја, градинарски култури.
Посочи дека водата ќе пристигне и во селата во Општина Лозово, каде што со денови во системот за наводнување немало вода. Проблемот е решен вчера кога е направена спогодба со земјоделците од Овче Поле. Направен е план за наводнување со цел земјоделците од овој регион во одредени денови да ги наводнуваат своите земјоделски култури.
МИА вчера ја објави реакцијата на земјоделците од Овче Поле, кои се заканија со блокада на патот Штип – Велес, но по санирање на дефектот на решетката на системот за наводнување и направената спогодба меѓу директорот на Водостопанство „Брегалница“, Благојчо Богатинов и претставниците на Здружението на „Овчеполски аграр“ протестот е ставен во мирување.