Во Делчево одржано 28-то издание на Голачки фолклорни средби

Над 200 игроорци синоќа во Делчево го промовираа македонското фолклорно богатство, но и од Република Србија и Република Бугарија во рамките на 28-то издание на традиционалните „Голачки фолклорни средби“. На летната сцена пред Спомен-домот АСНОМ настапија 9 фолклорни и пејачки друштва од земјава и од соседните земји, Србија и Бугарија.

За градоначалникот Горан Трајковски кој го отвори фестивалот, во Делчево фолклорот обединува, но и го чува животот наследството и традицијата.

– Тоа е таа нишка која нè идентификува и нè обележува низ вековите. Традицијата е таа која имаме обврска да ја чуваме и промовираме и да не дозволиме под влијание на новото време да се заборави и да се изгуби, рече Трајковски.

Манифестацијата традиционално се одржува на планината Голак, но од безбедносни причини, поради забраната за движење во шума, последните неколку изданија се одржуваат на летната сцена во Градскиот парк во Делчево. Поради тоа Трајковски порача дека граѓаните имаат обврска кон зачувување на општото добро за сите граѓани, во таа смисла и зачувување на шумите, како најголемо богатство.

– Затоа, и оваа година, од безбедносни причини со цел заштита на шумата на Голак, почитувајќи ја актуелната забрана за движење во шумите, фестивалот го одржуваме во Делчево. Локацијата не го намалува значењето на фестивалот, напротив, докажуваме дека кога е фолклорот во прашање, сите локации се соодветни, бидејќи целта ни е една-да ја продолжиме традицијата, додаде Трајковски.

На манифестацијата организирана од Општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“. Настапија фолклорната група и пејачката група „Ѓурѓа“ при НУЦК „Н.Ј. Вапцаров“, здружение на пензионери од Делчево, КУД „Вера Јоциќ“ од М. Каменица, фолклорен ансамбл при Културен центар „Радоје Домановиќ“ Р. Србија, фолклорен ансамбл „Китка“ Истибања, фолклорна група „Копачка“ с. Драмче, КУД „Карпош“ Старо Нагоричане и вокално-инструментална група „Елеганс“ Р. Бугарија.

– И овие Голачки фолклорни средби имаа добар квалитет. Сите групи што настапија покажаа дел од својот репертоар и се надевам и наредната година ќе успееме да донесеме групи кои ќе прикажат добар фолклор, рече Љупчо Петровски, директор на НУ ЦК „Н.Ј. Вапцаров.

Програмскиот директор на установата Методи Толевски најави дека следен настан кој ќе го организира Центарот за култура е Меѓународниот фестивал на хумор, сатира и карикатура кој ќе се одржи кон крајот на август годинава. 

Leave A Comment