Во битолскиот градски парк отворена Болдер трибина


bitola gradski park
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во битолскиот градски парк од денеска во функција е ставен ѕид за качување, вештачка карпа Болдер, која ќе се користи за спорт и рекреација на лицата заинтересирани за болдеринг. Според Влатко Деловски, претседател на Спортско-качувачкиот клуб „Вертикал“ од Битола, проектот ќе овозможи развој на нов спорт кој од неодамна е и олимписка дисциплина.

Проектот свечено го отвори генералниот конзул во генералниот конзулат на Република Бугарија со седиште во Битола Николај Димитров, кој истакна дека проектот го посветуваат на младите битолчани.


-Овој спортски објект го посветуваме на децата, на младите од Битола затоа што во овој град има многу млади луѓе на кои им е потребен еден ваков креативен објект. Иницијативата за изградбата на болдер карпата почна пред една година и во соработка со сите институции и здружението „Вертикал“ изграден е објект за минување на слободното време и за разни средби и дружења, посочи генералниот конзул Димитров.

Изградбата на болдер трибината освен Министерството за надворешни работи на Бугарија ја помогна и Општина Битола.

-Ова ново урбано катче ќе овозможи развој на нов спорт за младите кои сакаат непрофесионални, аматерски искачувања на болдер карпа. Објектот е мултуфункционален, разиграна геометриска фигура со спортски дел и културен дел каде ќе се користи амфитеатаралниот дел. Градскиот парк е оплеменет со овој проект, рече градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

За изградба на болдер трибина, вештачка карпа во градскиот парк во Битола беа инвестирани 30.000 евра.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK