Утре (7 ноември), на самиот ден на Општинскиот празник и одбележувањето 80-годишен јубилеј од слободна Гевгелија, Градоначалникот на Општина Гевгелија и делегации на Советот на Општина Гевгелија, фукнционери, политички партии и Сојузот на борци ќе полагаат цвеќе пред спомен-обележјата во Гевгелија, во 11:30 часот.
Потоа, пред платото на Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 12:00 часот, ќе продефилираат учениците од основните училишта на подрачјето на општина Гевгелија за одбележување на празникот 7 Ноември.
Вечерта, Советот на Општина Гевгелија ќе ја одржи 50. по ред (свечена седница), во Народниот театар – Гевгелија, со почеток во 19:00 часот. На свечената седница, по повод 7 Ноември, обраќања ќе имаат градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и претседателот на Советот на Општина Гевгелија, Патрик Матх. Притоа ќе им бидат врачени Седмоноемвриските награди за посебни достигнувања и афирмација на општина Гевгелија- Сребрена плакета на Илија Атанасов, Димитар Димитровски- Моте и Тони Аврамов; Златна плакета на Никола Гелебешев (постхумно), Глигор Гелебешев и Сашко Олумчев; и за животно дело на Саве Паноров.
Веднаш по седницата, со почеток од 19:45, во Народниот театар- Гевгелија, премиерно ќе биде изведена балетската претстава „Исповед“ на Национална опера и балет, чијашто поставка е на кореографот Саша Ефтимова.
– Концептот на „Исповед“ често се манифестира како сурова, искрена форма на самоизразување што им овозможува на танчерите да пренесат длабоко лични или универзални вистини. За разлика од традиционалното раскажување приказни или структурирани наративи, современиот танц опфаќа апстрактно и симболично движење за да ги истражи темите на ранливост, автентичност и емоционално ослободување- стои во синопсисот за балетската претстава.