По повод одбележувањето на 7 Ноември и 80-годишниот јубилеј слободна Гевгелија, утре (5 ноември 2024 година), во Народниот театар- Гевгелија гостува ансамблот при НУКЦ „Трајко Прокопиев“- Куманово со театарската претстава „Како што сакате/ Ноќ спроти Водици“, во режија на Срѓан Јанаќијевиќ. Претставата ќе започне во 20:00 часот, а влезот е слободен. „Како што сакате“ е современа адаптација на драмата на Вилијам Шекспир „Ноќ спроти Водици“, опишана како негова најсмешна комедија.
– Вртлог на згрешени идентитети и невозвратена љубов. Никој не е она што е и сѐ е возможно. Зошто таа замена на родови идентитети е толку смешна во театарот со векови, а толку застрашувачки сериозна, а понекогаш и брутално трагична во реалниот живот. Кај Шекспир, тоа е едноставно: машко или женско? Како што сакате- вели режисерот за претставата.
Адаптацијата ја направи Јаниќијевиќ, а драматург е Симона Тоскиќ. Сценографијата е на Марија Ветероска, костимите на Лидија Георгиева, а музиката е на Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски. Играат: Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Антонио Димитриевски, Нина Максимова, Анастасија Величковиќ, Александра Пешевска, Давид Илиќ и Никица Јанковски.