Традиционален собир на Македонците по потекло од Крчишта, Албанија во црквата „Свети Спас”

krcishta_34534534
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 Македонците од Горно Крчишта, Општина Пешкoпеја, Албанија, по повод патрониот православен празник Вознесение Христово-Спасовден, во сабота ќе одржат средба, која по иселувањето стана традиција.







Со цел да може да присуствуваат поголем број Македонци, иселени од ова село, како и нивни потомци, традиционалниот собир ќе биде во црквата „Свeти Спас” во сабота, на 27-ми овој месец.

Почнува со богослужба во 9 часот и ќе ја одржи отец Ристо Камбуроски.

Во однос на одбележувањето или одржување собир, по одредени негодувања дека се поместува празникот објава има и отец Камбуроски, кој објаснува дека не станува збор за поместување на празнувањето на Спасовден туку собир на кој може да присуствуваат поголем број лица по потекло од ова село, а сега главно живеат во  Македонија, како и во други градови во Албанија”.

-Почитувани верници од село Крчиште ви се обраќам пред се` како дете од ова село, а потоа и како свештеник должен да даде свое мислење. За жал, и нашето село ја дели судбината со повеќето села во Македонија и единствен начин на којшто можеме да ја задржиме заедницата, традицијата и свеста за потеклото е прославувањето на црковните и селски слави кои не зближуваат и обединуваат. Така, покрај тоа што ја празнуваме како христијани и секој во своето место, ние за слава на која ќе се собираме и ќе го чуваме од заборав нашето место и потекло, го избравме Спасовден, наведува тој.

Додава дека една од црквите во селото е посветена на овој празник и така „овој празник ни припаѓа на сите, особено кога сме собрани заедно”.

-Празникот не може да го присвои никој за себе, ниту ние Камбуровци, ниту Богдановци, ниту Радевци, ниту Аџиовци, ниту било кој на светов. Празниците и славите се тие што не обединуваат, а не не` разделуваат. Така било отсекогаш и така треба да биде, доколку сакаме да се одржиме во нашата вера и предание. Како што е познато, празникот Спасовден секогаш е во четврток и со тоа во работен ден. Таквата ситуација оневозможува мнозина да присуствуваат на соборот и средбите по повод празникот, па беше одлучено собирањето да биде во првиот викенд по празникот, секако, од практични причини. Ова не значи дека се поместува самиот празник, туку собирањето на населението по повод празникот. Ние не го преместуваме Спасовден во викендот, туку откако веќе сме го прославиле секој со своето семејство во четвртокот, се собираме за тоа да го направиме и заеднички во нашето родно место. Тоа што се поместува собирањето (повторувам: собирањето, а не празникот) во викенд, кога се неработни денови, само придонесува соборот да биде помасовен, а со тоа и трајно да остане во нашата меморија и во меморијата на нашите поколенија, пишува Кумбароски.

Наведува дека  вакви примери има и со повеќе црковни настани, споменувајќи ја Ѓурѓовденската литија во Струга, како и други во повеќе села и градови.

-Се надевам дека ќе бидам правилно сфатен и дека ќе се сочува оваа за нас важна традиција. Секое решение мислам дека е подобро од поделбата. За многу години празникот што ни претстои и повелете на заедничката дружба, нагласува отец Ристо Камбуроски, кој е родум од ова село а повеќегодишно служење во дебарската парохија тој сега живее и е свештеник во Кичево.

Црквата е изградена во 1232 година и е споменик на културата. За време на режимот на Енвер Хоџа била претворена во магацин.

Во јуни 2009 година црквата „Свети Спас”, е преосветена а одредени неопходни градежни активности се реализирани со помош на Македонците од Крчишта, кои мигрирале на македонска територија, на почеток во Дебар а потоа во Скопје и Охрид.

Фото: ФБ село Крчишта 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK