Во Тетово и Гостивар сообраќајните полицајци спроведоа превентивно-едукативни активности во рамките на новата кампања „Паркирај совесно, паркирај одговорно”. Основна цел е поголема безбедност, пред се на децата, пешаците и велосипедистите, но и на другите учесници во сообраќајот.
-На неколку пунктови во овие градови, полициски службеници од СВР Тетово, координирани од Отсекот за превенција, на возачите им делеа летоци со практично корисни информации. На нив и во директна комуникација им беше укажано да не ги паркираат возилата на тротоари, велосипедски патеки, на обележани пешачки премини, во градско зеленило или пред влезови во објекти, како и на места предвидени за паркирање на возила за лица со посебни потреби, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Според Јосифоски, активностите кои се помогнати од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата треба да придонесат за подигнување на сообраќајната свест и култура на возачите кога станува збор за паркирањето и за поголем сообраќаен ред на тетовските и гостиварските улици.