Општина Гевгелија склучи Меморандум за соработка со Управата за извршување на санкции при Министерството за правда, со кој се воспоставува рамка за реализација на мерката „Oпштокорисна работа“ како вид на алтернативна санкција.
Меморандумот го потпишаа директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов, и градоначалниците на општините Гевгелија, Дојран, Валандово и Богданци- Андон Сарамандов, Илија Тентов, Ѓоко Камчев и Блаже Шапов. Потпишувањето се одржа во Општина Гевгелија и ги обедини четирите општини од Југоисточниот Регион.
Општокорисната работа претставува алтернативна мерка која подразбира ангажман на осудени лица во извршување работи од јавен интерес без надоместок. Нејзината примена придонесува за развивање чувство на одговорност кон заедницата, поттикнува ресоцијализација и овозможува активно вклучување на лицата кои сториле полесни кривични дела во општествениот живот.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека воспоставувањето на оваа соработка претставува значаен чекор кон похуман и поефикасен пристап во спроведувањето на санкциите.
– Оваа соработка значи хуманизација на казнената политика кон лицата кои сториле полесни кривични дела и нивно активно вклучување во заедницата преку општокорисната работа. Истовремено, мерката создава предуслов и за унапредување на меѓуинституционалната соработка во интерес на заедницата. Продолжуваме да градиме партнерства кои носат позитивни општествени придобивки и придонесуваат за поодговорна и посолидарна заедница- изјави Сарамандов.
Со потпишувањето на Меморандумот се создаваат услови за поефикасна примена на алтернативните мерки на локално ниво, преку соработка помеѓу институциите и единиците на локалната самоуправа. На тој начин се овозможува практична реализација на законските решенија кои, покрај санкционирањето, имаат за цел и успешно враќање на лицата во заедницата.