Со план за подобар квалитет на амбиентален воздух до поздрав живот во градот на грозјето, виното и ж’ тата

kavadarci
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Бројот на хоспитализирани пациенти по разни основи е поголем во општината Кавадарци, споредено со националниот просек. Ова беше кажано пред извесен период од општинската собраниска говорница. Стравот околу квалитетот на амбиенталниот воздух во Кавадарци е долгогодишна тема во градот на грозјето, што не губи актуелност. Неодамна, Советот на Општината, едногласно изгласа план за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух на општинско ниво, до 2026 година.

Советникот Павле Маневски, како претседател на Комисијата за екологија при Советот на Општина Кавадарци и како доктор, потсети дека сериозни се импликациите на загадениот воздух врз здравјето на луѓето. Тој рече дека на глобално ниво, 29 отсто од смртните случаи од  рак на белите дробови се базираат на аерозагадувањето, 43 проценти од смртните случаи од хронично опструктивни белодробни болести се базираат на загадувањето на воздухот, 25 отсто од исхемичната срцева болест се базира на аерозагадувањето, а 24 проценти од смртноста предизвикана  од мозочни удари се базира  на  аерозагадувањето.


-Каква е бројката во општината  Кавадарци. Бројот на хоспитализирани пациенти заради астма во Општина Кавадарци е за три пати поголем од просекот земен во Република Северна Македонија, бројот на хоспитализирани заради циркулаторни болести е за 30 отсто повисок во општината Кавадарци, споредбено со националниот просек или 2108 на 100 000  жители за  Кавадарци,  1518 на 100 000 жители национален просек. Истото е и со  хоспитализирани пациенти за исхемична срцева болест и хоспитализираните пациенти заради мозочни удари, каде бројот е двојно поголем од оној што е земен како национален просек. И најфрапантни се бројките изведени во заклучокот на овој План, а тоа е дека смртните случаи во општината  Кавадарци, вкупно 94 на годишно ниво се како резултат на аерозагадувањето, а тоа е 20,3 отсто од вкупниот број на  смртни случаи, споредбено со националниот просек, тоа  е за два процента повеќе, односно,  385  лица на 100 000 е за Општина Кавадарци, 331 на 100 000 е националниот просек, рече Маневски.

Тој нагласи дека овие бројки се загрижувачки и ова е аларм дека мора да се преземе нешто за надминување на аерозагадувањето.

– Најголем дел од овие болести се базираат на аерозагадувањето од  П.М. 2,5  честичките за кои што во планот стои дека немаме, не е исполнет минимумот од 95 отсто за мониторинг на територијата на Општина Кавадарци, односно покриеноста  со податоци за 2021 година изнесувала 75,47 проценти. Загаденоста со П.М. 10 укажува на тоа дека оваа супстанца е критичка загадувачка супстанца за квалитетот на воздухот во Општина Кавадарци. Во зимските месеци има 20 – 25 надминувања месечно на граничните вредности од 10 мг/ м3 и тоа во некои денови е двојно, па скоро и четиркратно од дозволените гранични вредности, додаде Маневски, апелирајќи на преземање на итни мерки што ги предвидува овој план за намалување на аерозагадувањето.

Кавадарци меѓу првите со план за подобрување квалитет на амбиентален воздух

Градоначалникот Митко Јанчев нагласи дека Кавадарци е меѓу првите општини во Републиката што донесе ваков план и е одобрен од сите институции. Тој се заблагодари на општинскиот тим, на министерствата и на сите други што работеле на планот, осврнувајќи се и на мерките што треба да се спроведат. Градоначалникот информираше дека се вршат редовни контроли, а изречени биле и неколку казни.

Јанчев од собраниската говорница говореше и за поттикнувањето на компании за ефикасно користење на енергија, инсталирани фотопанели на јавни објекти за производство на електрична енергија, проекти за еколошко греење, субвенционирање за замена на грејни тела, бесплатна оџачарска услуга за кавадарчани, заложбите за енергетска ефикасност на објектите, јавен превоз, субвенции за купување велосипеди, зголемување на зелени површини.

-Не знам дали приметивте советнику, дека П.М. честичките во Општина Кавадарци и 2,5 и 10 се претежно во грејните сезони, сами споменавте и се во попладневните часови, односно тогаш кога завршува работното време се прибираат семејствата дома, се палат огновите, затоплувањето и тука ни е најголемиот проблем. Така да мислам дека заеднички можеме да работиме на ова, рече градоначалникот, истакнувајќи го, меѓу другото и значењето на гасификацијата и подигнувањето на јавната свест, за екологијата.

Неколку седници наназад, советникот Вуко Мелов вели дека според него, бетонизацијата на Кавадарци или градежната експанзија на станбени објекти, е една од причините за проблемот со загаденоста на воздухот.

Свое гледиште на проблемот даде и претседателот на Советот, доктор Стојанчо Рамов. Тој се согласи дека амбиенталниот воздух има и влијание врз здравјето на луѓето, врз нивниот начин на функционирање.

– Само за информација на јавноста, по стапка на смртност, најголем број, под број еден се кардиоваскуларните  заболувања, под број два се карциномите што демнеат околу нас, потоа во однос на кардиоваскуларните заболувања многу голем дел зафаќаат токму респираторните заболувања што и те како се поврзани со квалитетот на амбиенталниот воздух. Тоа во цела држава, во нашата општина, на глобално светско ниво претставува голем и реален проблем, рече Рамов, додавајќи дека ловење на политички поени за тоа дали Општината затајува во одредени делови или државата е подобра или обратно, нема многу да придонесе и нагласувајќи дека придонес кон решавање на проблемот може да се даде и со менување навики и почести контроли на терен.

Кога станува збор за годишниот Извештај за животна средина пак, што беше изгласан со мнозинство гласови, пет советници гласаа против, а еден беше воздржан. Советникот Мелов реагираше на исечени дрвореди во градот. Рамов нагласи дека постапката за сите дрвја што се заменуваат, се прави во содејство со соодветен шумарски инженер во ЈП ,,Комуналец”.

Светлана Дарудова

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK