Во беровското село Русиново по пауза од неколку години се возобновува манифестацијата Илинденски видувања – Вршник 2023. Настанот, како што велат од организацискиот одбор ќе се одржи „На Мегдане“ во село Русиново почнувајки од 1 август, завршувајки со концерт на Некст Тајм на Илинден. Традицијата за Илинденски видувања – Вршник, како што додаваат организаторите датира од 70-тите години од минатиот век, се со цел заедничко одбележување на македонскиот национален празник Илинден.
-Во село Русиново постои долга традиција на општонародна прослава за Илинден која влече корени уште од 70-тите години каде со збратименото Смилево, (родното место на Дамјан Груев) заеднички се одбележувал Илинден како најголем Македонски национален празник. Традицијата покасно во 90-тите е прекината, за да во 2009 година се одржи манифестацијата Вршник во организација на Општина Берово заедно со мештаните од Русиново. Со оваа чествување на Илинден се продолжува долгата традиција, која се надеваме дека во иднина ќе биде континуирана, истакнаа од организациониот одбор.
Главна карактеристика на настанот ќе биде подготовката на традиционална Русинска и Малешевска локална храна и печење под Вршник.
-Традиционалната храна ќе биде изложена за дегустација, а собраните средства од продажбата ќе бидат наменети за хуманитарни цели за луѓе од Русиново. Од подготовката на традиционална храна ќе издвоиме подготовка на зелник, попарник, баница, јагне и тавче сето тоа под вршник, потоа разни други специјалитети како грав во грне, ориз со црева и дроб, качамак со масло, клиси и ребра во тава, варен компир во котле, теганици, баклава и друга храна карактеристична за овој крај, додадоа организаторите.
Во рамки на настанот и дводневната програма ќе настапат повеќе музички звезди со настап на музичари по потекло од Русиново, а главни звезди на вечерта на 2 август ќе бидат групата Некст Тајм. Настанот е поддржан од компанијата Зегин и здружението „Малешевци за Малешевијата“ кои упатувајки го слоганот „Русинци за Илинден каде и да сте дома да сте“ упатија отворена покана до сите Малешевци да присуствуваат на Илинденски видувања Вршник 2023 и да бидат дел од традицијата која е препознатлива за секој еден човек по потекло од Малешевијата.