Се надградува и поправа делницата Демир Капија – Давидово, увид во работите на рехабилитацијата на патот, денеска извршија премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорите на Јавното претпријатие за државни патишта и ЈП ,,Македонија пат” Ејуп Рустеми и Костадин Ацевски.
Со надградбата и поправката на оваа сообраќајна делница, како што беше истакнато, локалните жители, како и другите што го користат, ќе добијат современ пат што ќе го унапреди секојдневието на граѓаните од овој дел од централниот регион во државата. Ќе се овозможи посигурно и побрзо движење и на луѓето, со надеж за поголем развој на локалната економија. Вкупната вредност на надградбата и поправката на овој пат изнесува 25 милиони денари.
Во моментов, се одвиваат активности на делот до селото Клисура, при што се работи на тампонирање во широчина од пет метри и на асфалтирање во широчина од четири метри, на патот со вкупна должина од 2.550 метри. Беше кажано дека многу наскоро овде ќе има квалитетен и модерен пат.
Премиерот Ковачевски рече дека Владата на Република Северна Македонија продолжува со несмалено темпо да инвестира и да се грижи за изградба на модерна регионална и национална патна мрежа со која поврзува градови, региони, но се и поврзува државата со соседните држави и со светот.
– Ова е практично изградба на нов пат од Демир Капија до Давидово, со што овозможуваме реконструкција и надградба на патното поврзување на овој дел од државата и негово вмрежување со околните населени места. Овој пат на кој се наоѓаме денес беше долгогодишна потреба и желба на граѓаните на Демир Капија, но и на населените места Клисура, Давидово и со ова што го правиме денес, државата практично покажа дека тоа што не може општините сами да го направат, државата е тука и Владата да го направат, нагласи премиерот.
Тој додаде дека реконструкцијата на овој регионален пат е од голема важност за развој на туризмот во нашиот јужен дел на државата, но и за земјоделците од овие области, на кои ќе им се олесни движењето и ќе се овозможи непречено функционирање во извршувањето на нивните секојдневни работи. Но, додаде, овој пат ќе отвори перспективи и за заживување на целиот регион и отворање на нови можности за развивање на бизнис иницијативи како за домашни, така и за странски инвеститори.
– Бидејќи најважниот услов за секој инвеститор е постоењето на модерна и безбедна патна инфраструктура.
Токму тоа е еден од нашите најголеми приоритети во моментов. Владата, како ниедна Влада досега, вложува огромни средства во реализација на капитални инвестиции, кои требало и порано да бидат реализирани, меѓутоа биле само проекти кои биле ставени на хартија и со децении не биле реализирани. Затоа, ние сме посветени во остварување на деценискиот сон на нашите претходници, а тоа е создавање на модерна државна патна инфраструктура која ќе ја постави Република Северна Македонија на светската економска и инвеститорска мапа. Многу пати досега сум кажал дека сум човек кој сака да работи на остварување на целите и навистина е така, бидејќи со овие градежни зафати убеден сум дека ја трасираме европската иднина на нашата земја, која конечно после долги години цврсто верувам дека ќе стане главна крстосница на Балканот и на јужна Европа, рече премиерот.
Тој нагласи дека посветеноста да се приближи државата до вратите на Европската Унија се гледа и е видлива преку бројните проекти.
– Затоа и пред неколку дена бевме на увид во градежните зафати на автопатската делница Демир Капија-Неготино, која е дел од трансевропскиот Коридор 10, со којашто делница ја поврзуваме државата со Грција, со Србија и ги засилуваме нашите транспортни и економски врски со регионот. Но, и постојано ја следиме имплементацијата на сите тековни проекти. Затоа и почнуваме со реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект досега во државата на нашата патна мрежа, а тоа е изградбата на коридорите 8 и 10–д, чија изведба ќе донесе нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2 процента годишно. Работите според договорот што е потпишан со изведувачот Бехтел и Енка веќе се започнати, сите граѓани преку медиумите можеа да се уверат дека се започнати геомеханичките истражувања и на коридорот 10Д и на коридорот 8. Согласно со договорот веќе ќе почне и подготовката за градежните работи на делниците кои што ќе бидат подготвени, додаде Ковачевски.
Ова, рече, носи и реални можности за развој на нови бизниси, на нови патни коридори, на нови ресторани, бензински пумпи, нови угостителски и туристички објекти како и отворање на нови работни места за граѓаните од овие региони.
– Нема да застанеме тука. И во следниот период ќе продолжиме со несмалено темпо да инвестираме во патната инфраструктура, за која во изминатите пет години се вложени 1 милијарда евра во изградба и реконструкција и рехабилитација на патишта, период во кој се изградени и рехабилитирани околу 1.400 километри патишта.
Наместо во непродуктивни и економски неоправдани трошења, ние се грижиме и ќе продолжиме да се грижиме за нови капитални инвестиции со употребна вредност со цел да ја надминеме бројката од 465 милиони евра, рекордна реализација на капитални инвестиции која ја постигнавме лани. Тоа ќе го оствариме заедно со вас и заедно со домашните компании на кои ќе се потпреме во реализацијата на големите капитални проекти. Тоа го должиме на нашите сегашни и идни генерации.
Сакам на изведувачот на работата, Македонија пат, да им посакам успешна работа на завршувањето на оваа патна делница, сакам да им посакам среќно користење на граѓаните на Демир Капија, на Клисура, на Давидово, рече Ковачевски.
Министерот Бочварски нагласи дека се инвестираа значајни средства за изградба и модернизација на целокупната инфраструктура во државата, како ниедна Влада досега, од независноста на државата. Посочи дека се работи на капитални проекти во сите општини.
– Влада на Република Северна Македонија си даде обврска и задача да ја развие економијата, да ја однесе државата напред на патот на просперитетот и токму тоа и го правиме преку изградбата на модерна патна национална и регионална мрежа со која ги поврзуваме населените места и обезбедуваме поквалитетни услови за патување на граѓаните, нагласи Бочварски.
Тој додаде дека приоритет е преку рекордни инвестиции во инфраструктурата, да се доближи земјата до Европската Унија и да се обезбеди европска перспектива и развој на државата, нови инвестиции и нови работни места.
Директорт на Јавното претпријатие за државни патишта, Рустеми изрази задоволство од работите на оваа делница.
– Согласно нашата годишна програма на активности – која, морам да кажам, дека е амбициозна, но ние сме уште повеќе амбицирани и да ја спроведеме до крај – инвеститор на активностите на оваа патна делница е ЈП за државни патишта, а изведувач е јавното претпријатие ,,Македонија пат”. Нема да звучи претенциозно ако кажам дека ова е година на историски инвестиции и вистинска експанзија на активности во сообраќајната инфраструктура од осамостојувањето на нашата држава. И тука не мислам само на отпочнувањето на активностите за изградба на клучните, на европските Коридор 8 и Коридор 10-д, рече Рустеми.
Тој додаде дека, тука мисли и на сите останати активности коишто и во моментов течат, а други ќе започнат, поврзани со изградба, реконструкција, модернизација, репарација и слично на сите останати типови на сообраќајници – локални, регионални, магистрални, автопатски, во сите делови од републиката.
– Еве, со тоа што сме тука денес, на лице место да се увериме како течат работите, уште еднаш ја потенцираме и ја демонстрираме посветеноста на Владата на Република Северна Македонија, на ресорното министерство, како и на ЈПДП, за градителска револуција на сообраќајната мрежа низ државата. Инвестираме и градиме насекаде и за сите во земјата, за национален и за локален развој, за подобар и побезбеден сообраќај, за подобар и попросперитетен живот за сите нас, нагласи Рустеми.
Задоволство од реализацијата на проектот изрази и градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров. Тој посочи дека оваа најстара делница во државата од 1916 година е од огромно значење за развој на туризмот и земјоделството.