Општина Тетово информира дека почна да се асфалтира продолжението на булеварот „Благоја Тоска“ по мостот кај болницата, а воедно апелираат граѓаните да не паркираат на тоа место. Во ноември 2022 година се асфалтираше само еден дел од продолжението на овој булевар кај текстилното училиште.
– Денес почна првата фаза на асфалтирање. Бараме разбирање од граѓаните да не ги паркираат автомобилите за да не ги попречуваат работите, бидејќи во спротивно ќе постапува пајак службата. Со завршување на работите на булеварот „Благоја Тоска“ ќе се реши сообраќајниот хаос и ќе се овозможи послободна циркулација на автомобилите и граѓаните, соопшти општината.
За да се продолжи булеварот, градежните работи со рушење на објекти започнаа уште во јули 2021 година во време на претходното општинско раководство. За градежните работи, општината доби средства од т.н. ТАВ програма, а за експропријација средства од Владата.