– Група граѓани од Кочани доцна попладнево излегоа на предупредувачки протест на крстосницата кон селото Бели на регионалниот патен правец кон Пониква. Причината за протестот е неконтролираното палење и чадење на депонијата.
Присутните граѓани упатија јавна покана до надлежните од Локалната самоуправа, КЈП „Водовод“ – Кочани и Државниот и општинскиот инспекторат за животна средина за средба со цел решавање на деценискиот проблем.
-Не сме тука за да дадеме укор или да ги навредуваме надлежните, иако го заслужуваат тоа, тука сакаме да изнајдеме заедничко решение. Ги повикуваме утре, во исто време и на исто место да дојдат и да ги слушнат нашите конкретни решенија кои сметаме дека ќе вродат со плод и конечно да се стави крај на проблемот со градската депонија. Со протестите ќе продолжиме додека не изнајдеме решение. Доколку надлежните немаат слух, протестите ќе бидат радикализирани, истакна Златко Илијев, жител на Кочани.
-Мислам дека на ваков начин ќе ги охрабриме надлежните да почнат да си ја работат работата за која се платени. Не гледам интерес на надлежните во решавање на проблемот, тие најчесто констаираат, односно цело време ја префрлаат топката дека проблемот ќе се реши по отворањето на регионалната депонија. До отворање на регионалната депонија ние треба да живееме и функционираме нормално, а не да бидеме отруени од согорувањето на градската депонија, рече Жаклина Филипова Свеќароска, советничка во Советот на Општина Кочани.
Одговорност за решавање на проблемот со кочанската депонија граѓаните бараат и од КЈП „Водовод“ бидејќи тоа стопанисува со депонијата.
Отпадот на комуналната депонија кај селото Бели е запален и чади подолг период, воздухот е загаден, а мерките што досега се преземаа се покажаа како неефикасни.