Долгорочна заштита на планината Јабланица и правилно користење на природните ресурси ќе овозможи нејзиното прогласување во заштитено подрачје. Тоа беше истакнато на денешната работилница во Струга пред локалните здруженија, каде беа презентирани позитивните искуства во процесот за прогласувања на заштитени подрачја во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Целта на средбата, според Фросина Пандурска Драмиќанин раководител на проекти во МЕД, е покревање дебата во однос на долгогодишната иницијатива за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје.
– МЕД има правено истражувања поврзани со диверзитетот и во нашиот план стои дека оваа планина заслужува да биде заштитено подрачје. Ги има природните ресурси, но свесни сме дека декади наназад има уништување на природните ресурси, како илегална сеча, дивоградби, изградба на каменоломи и слично, истакна Пандурска Драмиќанин.
Според неа, мора да постојат строги правила во однос на тоа како се користат природните ресурси, од што бенефит ќе имаат идните генерации, но и туристичкиот сектор преку развој на руралниот туризам,
– Првенствено кога зборуваме за заштитени подрачја е да го одржуваме просторот онака како што е даден од природата. Сигурноста дека следните генерации ќе уживаат во она што го уживаат денешните генерации е само исклучиво преку заштита и одржливо користење на природните ресурси, нагласи Пандурска Драмиќанин.
Биодиверзитетот на планината Јабланица, како што посочи Наталија Меловска од МЕД, заслужува посебно внимание и треба да се заштити.
– Јабланица изобилува со геоморфолошки форми, растенија, цицачи, птици, глацијални езера, екосистеми и друго. Содржи високо планински алпски дел што е во пограничниот појас на Западна Македонија, ако се заштити еден ден ќе добиеме една врзана линија што е битна на прекугранично ниво, затоа што и од другата страна од границата тие се заштитени подрачја. Кога заштитените подрачја се континуирани со тоа добива и дивиот свет, нема препреки во движење, се заштитува дивечот и се намалува криволовот, рече Мелоска.
Јабланица, нагласи, е делчето од мозаикот во Западна Македонија, да биде поврзано заштитено подрачје. Со тоа нашата држава ќе се здобие со значителен процент на заштитена површина, што се почитува во европски рамки.