Младите од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија имаа можност преку инфо-сесија, врз основа на соработката на Локален младински совет на Општина Гевгелија и Македонски Каритас, да се запознат со Регионалниот проект: “Your Job Маcedonia” наменет за млади на возраст од 15 до 35 години што спроведува во рамки на Регионалната програма во Европа- Програма за млади во Западен Балкан.
Од страна на кариерните советници, Верица Ангеловска и Александар Младеновски, беа презентирани активностите, во коишто младите можат да се вклучат во Проектот, како: бесплатни обуки, кариерно советување и индивидуална поддршка, односно следење персонализирани обуки за професионални вештини, обуки за активно барање работа, прво работно искуство преку пракса и придружба во поставување сопствена бизнис-идеја и грант шема за поддршка на идеи со висок потенцијал.
Проектот е финансиран од Реновабис и Каритас Австрија, а мрежата на Каритас го реализира во 6 Општини во Југоисточниот Регион: Гевгелија, Струмица, Василево, Босилово, Ново Село и Богданци. Сорaботката помеѓу Општина Гевгелија, Локален младински совет на Општина Гевгелија и Македонски Каритас за унапредување на положбата на младите ќе биде проширена со потпишување Меморандум.