– Граѓаните од Општина Боговиње во иднина ќе имаат на располагање канцеларијата за бесплатна правна помош во населеното место Камењане. Канцеларијата се отвора со поддршка на Советот на Европа.
– Денес отвораме канцеларија во Камењане во склоп на Општина Боговиње. Имаме најавено дека ќе сме присутни во цела држава, така во наредните недели ќе отвориме канцеларии и во Јегуновце, Брвеница и во другите општини. Исто така оваа кампања ќе продолжи во секој град во државата и исто така со помош на Совет на Европа и Европска делегација во Македонија ние веќе сме при крај со едно комбе кое ќе биде мобилна единица за давање бесплатна правна помош во цела држава, изјави министерот за правда Кренар Лога.
Од Советот на Европа информираа дека канцеларијата се отвора во рамки на проектот за консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош кој ги поддржува властите во Република Северна Македонија и Министерството за правда во нивните напори за зајакнување на пристапот до правда, преку унапредување на системот за бесплатна правна помош.
– Токму отворањето на денешната канцеларија со штандови и информиративнi материјали каде што граѓаните од Општина Боговиње можеа да дојдат и да се информираат повеќе за тоа каде да се обратат за бесплатна правна помош, за што може да се обратат за бесплатна правна помош и на каков начин тоа да го направат. Граѓаните денес исто така може да поставуваат прашања и до консултантите на Совет на Европа кои се тука како и до претставниците на Правната клиника „Емине Зенедели“ за да се информираат и да добијат правен совет и општа правна информација. Овој тип на настани ќе продолжи во повеќе општини. Планирано е оваа промоција на бесплатната правна помош да продолжи во 15 различни општини, се со цел што повеќе да допреме до граѓаните за нивното право за бесплатна правна помош и како истото може да го користат, изјави Ирена Цуцулоска Јакимовска од Совет на Европа.
Министерот Лога потпиша и меморандум за соработка со Општина Боговиње.